Делегацијата од Општина Берово ја заврши официјалната посета на Општина Кумровец, Хрватска. Како дел од реализираните средби со тамошните претставници на локалната власт, како што информираа од Општината, разменети се мислења и идеи, а согледани се и можностите за реализација на заеднички проекти.
-Во рамки на посетата заедно со општините Кумровец и Бољарево, потпишавме Меморандум за соработка, со цел продлабочување на соработката и реализација на заеднички проекти. Трите општини, ќе ја продлабочуваат соработката, особено во областа на: туризам, земјоделство, економија, култура и културно наследство, уметност, образование, млади и друго, истакнаа од Општината.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски се заблагодари за досегашната соработка и изрази надеж дека заеднички ќе се подобри животот на граѓаните во трите општини.
Ова е возвратна посета на делегација од Берово на Општина Кумровец по воспоставената соработка која двете општини ја започнаа минатиот октомври.