Во Делчево од денеска граѓаните ќе можат да ги користат услугите на новиот современ Градски пазар кој започна да се гради од март 2021 година, а свечено ќе биде пуштен во употреба од страна на премиерот Димитар Ковачевски. Изградбата на ваков објект е децениска желба и потреба на делчевци. По теркот на големите градови, во современи услови, ќе се одвива продажбата на овошје и зеленчук и друг вид стока и производи од текстил и облека.
Делчево прв пат во својата историја, добива современ градски пазар. Пазарот располага со модерни тезги со обезбедени санитарни услови за поголема хигиена што за продавачите и купувачите ќе значи побезбедна храна чувана под затворен простор и заштитена од атмосферски влијанија, преку обезбедена дневна светлина со лексан- панел и вода во сите објекти со санитарни чворови, истакнаа од Општината.
Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли.
– Вкупната површина на објектот изнесува 2.408 м2 од кои 337,32 м2 припаѓаат на затворениот дел со сопствени санитарии и влезови, а останатите 2070,9м2 се отворена површина, каде се сместени тезгите за продажба, додаваат од Општина Делчево.
Вкупната вредност на новиот градски пазар кој со одлука на делчевскиот Советот е даден на трајно користење на Јавното комунално претпријатие „Брегалница е 45 милиони денари од кои 50 проценти се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата на РСМ преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион.
Објектот по своето значење според градочалникот на Делчево, Горан Трајковски е капитален и ќе овозможи развој на локалната економија, а со својот изглед и локацијата, ќе овозможи да се создадат атрактивни локации за нови градби и развој на овој дел од градот. Современиот градски пазар, освен што ќе оди во прилог на сите продавачи и купувачи според Трајковски ќе им обезбеди и современи услови на тргување, односно пазарување, тој ќе има значење и на економски центар не само во градот, туку и регионот, бидејќи Делчево, како погранично место е честа дестинација на гости од цела држава, но и од соседството.
Со цел обезбедување инфраструктура во централно градско подрачје за непречена комуникација на сообраќај и пешаци кај новиот градски пазар, за оваа година, Општина Делчево во Развојната програма има планирано инвестиција во износ од 7,1 милион денари за изградба на две улици и тротоари во градскиот пазар.
Градежните работи за изградба на паркинг и улици на локацијата на новиот градски пазар започнаа вчера, а согласно со проектот предвиден во Развојната програма за оваа година, ќе се изградат 3.500 м2 паркинг и улица 6.1, со цел кружно сообраќајно поврзување. Вредноста на работите кои фирмата изведувач ОСД Кирил треба да ги заврши за еден месец е околу 5 милиони денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.
Со овие градежни зафати, како што потенцираат од Општината, комплетно се решава инфраструктурата и сообраќајната комуникација на новиот градски пазар. Претходно, на оваа локација се изгради и новата улица 3 која го поврзува пазарот со улицата кај пешачкиот мост и детската градинка и овозможува современ сообраќаен пристап со потребните такси и автобуски стојалишта. Свеченоста по повод пуштањето во употреба на новиот Градски пазар е закажана за 12 часот.