Битолскиот Архив го одбележа 26 мај, денот кога пред 69 години е основан и работи како подрачно одделение на Државниот архив на Република Северна Македонија.
Во рамки на годишнината, архивските работници од Битола во офицерскиот дом презентираа изложба на документи и фотографии на тема „Македонија памети, никогаш да не се повтори“ посветена на македонските Евреи.
– Нашиот архив е значајна институција, трезор на оригинални документи, писма, фотографии и друг вид материјали од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата држава. Како чувари на колективната меморија, денес градиме и афирмираме пракса на соработка со наследниците на нашите сограѓани Евреи кои биле убиени во логорите на смртта, но тоа го практикуваме и со пошироката заедница, пракса која оди во насока на негување на меморијата, но и кон осмислени истражувачки процеси кои ја збогатуваат нашата национална историја, истакна Гоце Стојановски, раководител на битолскиот Архив.
Соработник и еден од авторите на изложбата е Јасмина Дамјановска која за време на отворањето на изложбата во Битола посочи дека подготовката за поставување се одвивала повеќе од половина година.
– Изложбата е работена во соработка со Институтот за национална историја и најголем дел од користените материјали се од депоата на Државниот Архив и одделенијата во Скопје, Битола и Штип. Станува збор за огромна архива за животот на еврејската заедница, посебно периодот меѓу двете светски војни, се до депортацијата на Евреите, рече меѓу другото Дамјановска.
Изложбата „Македонија памети, никогаш да не се повтори“ поставена во Офицерски дом, ќе ја посетат ученици од битолските училишта, најавија од битолскиот Архив.