Во организација на Библиотекарското здружение на Македонија денеска во општинската библиотека „Искра“ од Кочани се одржа државниот натпревар „Млади библиотекари“, на кој учествуваа 26 ученици кои победиле на општинските натпревари.
Целта на натпреварот е да се промовира библиотекарската дејност и да се популаризира читањето книги меѓу младите. Учесниците решаваа тест со дваесет прашања поврзани со библиотекарското работење, за што имаа време од еден час и можност за освојување на максимални 100 поени.
Првото место му припадна Матео Митевски од Куманово, втората награда ја освои Лина Рушити од Тетово, а третонаградена беше Сара Ѓоргиевска од Битола.
-Тоа што го очекувавме како познавања на дејноста и резултати од учениците, го добивме. Сите натпреварувачи, кои доаѓаат од различни основни училишта во државата, покажаа солидни знаења и квалитетно го решија тестот и покрај тежината на прашањата. Честитки за сите ученици и нивните наставници ментори за вложениот труд и посветеноста во подготовката, истакна Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија.
Најдобрите три ученици на натпреварот добија сертификати за освоените места, како и вредносни ваучери и пригодни подароци со книги соодветни за нивната возраст. На останатите учесници и нивните ментори им беа доделени благодарници за учеството.