Апел за доследна примена на протоколите за време на празничните настани во Гевгелиско



Апел за доследна примена на протоколите за време на празничните настани во Гевгелиско - МИА

Гевгелија, 24 јули 2020() – Штабот за заштита и спасување на општина Гевгелија, на последната одржана седница ја разгледа актуелната состојба со коронавирусот, која моментно на територијата на општина Гевгелија е оценета како стабилна и донесе неколку одлуки и решенија околу понатамошното следење и менаџирање на состојбата.


 

Во тој контекст беше упатен апел до угостителските објекти и гостите доследно да ги почитуваат и применуваат протоколите за работа и заштита од ширење на корона вирусот, беше побарано одржување на уште еден заеднички состанок на угостителите со претставници на ОВР Гевгелија, Управата за јавни приходи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Дирекцијата за спасување и заштита како и трудовата инспекција.

Од надлежните државни органи и општински служби кризниот штаб побара позасилена контрола врз работењето на угостителските објекти околу почитувањето на здравствените протоколи, работното време и бучавата што ја создаваат.

Општинскиот кризен штаб ги одобри барањата за одржување на традиционалните Илинденски настани во селата Давидово, Конско и Серменин, кои треба да се организираат строго според протоколите за организирање  јавни и други настани на отворен простор што значи задолжително носење заштитни маски, одржување физичка дистанца, користење  дезинфекциски средства и поставување на редарска служба.

Традиционалните ,,курбан,, јадења дозволено е да се подготвуваат, но не е дозволено нивно служење на маси и штандови како и групно славење. им/