Акумулацијата Гратче кај Кочани порибена со над 300 килограми крупен крап


Акумулацијата Гратче кај Кочани порибена со над 300 килограми крупен крап - МИА

Кочани, 7 јули 2020 () – Спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“ денеска го реализираше третото овогодишно порибување на вештачката акумулација Гратче, при што беа пуштени над 300 килограми крупен крап.



Со тоа продолжува исполнувањето на годишната програма на Здружението за збогатување на рибниот фонд во езерото, но и за претстојните натпреварувачки активности.

– Пуштивме околу стотина единки крап со просечна тежина од 3,5 килограми кои, според правилникот на нашето здружение, не смеат да се ловат, односно ќе служат како матици за природен мрест. Рибата е набавена од сертифициран рибник и репроцентар, и дел од неа е обележан за да можеме да го следиме прирастот, за што се води уредна евиденција. На крајот на годината ќе направиме анализа на бројот на обележани единки и прирастот што е постигнат, истакна Димитар Димитров, претседател на риболовното здружение „Кочански рибар“.

Тој го најави и претстојниот државен риболовен натпревар што ќе се одржи кон крајот на овој месец.

– Натпреварот е планиран од 24 до 26 јули и ќе се лови исклучиво крап. За првпат ние сме домаќини и организатори на еден ваков голем настан, а се надеваме дека со редовните порибувања на Гратче ќе се најдеме на риболовната карта на Македонија, за што имаме одлични природни и други услови. Квотата за натпреварот е веќе пополнета и ќе учествуваат 17 екипи од целата држава. Имаше интерес и за учество на екипи од странство, но поради состојбата со епидемијата од Ковид-19, најверојатно тие нема да можат да присуствуваат, додаде Димитров.

Од раководството на здружението „Кочански рибар“ најавија дека до крајот на годината планирани се уште најмалку две порибувања на езерото Гратче, а ќе продолжи и реализацијата на други проекти за зачувување на неговата природна околина.