Омбудсман: Не сeкој вид на попреченост е видлива, ниту се видливи сите бариери кои ги оневозможуваат овие лица целосно да ги уживаат правата


– Почитувањето на различноста на лицата со попреченост е од особено значење, исто како и свесноста дека не сeкој вид на попреченост е видлива, ниту се видливи сите бариери во општеството кои ги оневозможуваат овие лица целосно да ги уживаат правата, вели народниот правобранител Иџет Мемети по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.



Нивната ранливост, како што посочува, особено доаѓа до израз во услови кога пристапот до здравствени, образовни и социјални услуги е значајно отежнат, како што е во случајот со пандемијата од Ковид 19.

-Денес, кога се навршуваат 28 години од денот кога Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 3 декември за Меѓународен ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител како институција која веќе 22 години посветено дејствува на полето на заштита на човековите права и слободи на лицата со попреченост, потсетува на обврската за обезбедување услови и создавање можности за што поголема промоција, заштита и унапредување на правата на лицата со попреченост, и нивно активно вклучување, со цел активен придонес во создавањето на инклузивно општество, пишува народниот правобранител.

Фактот дека 15 проценти од светската популација или повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со попреченост, налага, како што истакнува народниот правобранител,  неминовна потреба од поголем фокус на сите чинители кон промени на перспективите на попреченоста и примена на соодветен пристап низ призмата на човековите права. Додава дека само на таков начин ќе бидат видливи заложбите и ефектите од мерките за надминување на стереотипите и предрасудите кон овие лица.

– Сакам да укажам дека овие граѓани се позасегнати, поризични и поранливи, како на самиот вирус, така и од последиците на економски, социјален и секаков друг аспект кој истиот неминовно ги носи со себе, а тоа не обврзува како општество сериозно да им посветиме внимание и да ги елиминираме препреките за еднакви можности и целосно уживање на нивните основни човекови права, вели Мемети.