Одвојте еден викенд за „ГЕНЕРАЛКА“ на животната средина


Секоја година пролетта е периодот кога генерално го исчистиме домот и градината. Оваа година Делегацијата на Европска Унија Скопје и Мен енд Маунтен ве мотивираат да одите чекор понатаму и да учествувате во чистењето на нашиот заеднички дом – нашата земја.


 

Засукајте ги ракавите, време е за „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД – За чисто како дома исто“!

Викендот од 7, 8 и 9 мај е резервиран за акцијата „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“, посветена на пролетно чистење на отпадот од нашата најблиска околина и најблиска природа. Во акцијата може да земе учество секој граѓанин на „Земјата на Сонцето“.
Со заеднички труд да се исчисти и раззелени нашата родна земја, но и да се истакне потенцијалот на човековата волја да се придонесе за почиста околина и поквалитетен живот.

Секое семејство или поединец е поканет да учествуваат во акцијата, со тоа што ќе го собереат отпадот што ќе го најдеат во нивното најблиско опкружување, додека пешачат низ градот или одат до локалниот пазар или училиште. Тој отпад ќе го одложат во поставените контејнери за отпад на Пакомак, на Местата за собирање отпад. Пакомак заедно со јавните комунални претпријатија ќе го измерат отпадот собран за време на акцијата „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ и за секои 10 килограми Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе обезбеди по едно дрво. Овие дрва ќе бидат засадени на место што го нарекуваме „СОНЧЕВА ГОРА“, чија локација ќе биде објавена во текот на летото од Министерството.
Општината што собрала најмногу отпад во трите дена ќе биде прогласена за „Општината на годината со најмногу совесни граѓани за животната средина“.

Оваа акција за чистење на отпадот од минатото и создавање еколошки одржлива иднина треба да прерасне во традиција, а напорот вложен во чистењето на отпадот секоја година да резултира во што повеќе засадени дрва, со што „СОНЧЕВА ГОРА“ постојано ќе се проширува. Во соработка со архитекти за пејзаж за неколку години оваа шума може да стане место во кое посетителите од целата земја ќе можат да уживаат во природата и ќе се восхитуваат на она што нивните десет прсти го создале.

Акцијата „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ е поддржана од Пакомак, како важен фактор во процесот на управување со амбалажниот отпад, а во реализирањето се вклучија и Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделие и шумарство, и вкупно десет општини (Крушево, Охрид, Дебар, Демир Капија, Куманово, Гевгелија, Крива Паланка, Струмица, Штип и Велес), како и Делегацијата на Европската Унија Скопје кои ги здружија силите со нивниот проект „За чисто како дома исто“ за оваа година.

Сите имаме моќ да ја направиме нашата земја почисто и поздраво место за живот.
Со секоја „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ создаваме еколошки одржлива иднина за сите нас и ја правиме нашата земја почиста и поздрава.

ИЗВАЛКАЈТЕ СЕ И ИСЧИСТЕТЕ. ВРЕМЕ Е ЗА ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД!