Настан по повод Светскиот ден на борба против хепатит со цел подигнување на свеста кај граѓаните за рана дијагностика на болеста се одржа денеска во Скопје, а на настанот присутните граѓани имаа можност да направат бесплатен преглед на црниот дроб.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на настанот ја истакна сериозноста на хепатитис и важноста на негово рано откривање со цел овозможување на навремена превенција.
-Хепатитисот е глобален здравствен предизвик кој влијае на милиони животи ширум светот и токму за тоа борбата со него во никој случај не може да биде едноставна и за да се справиме со него ни е потребен интегриран и сеопфатен пристап, изјави Меџити.
Министерот нагласи дека подигнувањето на свеста за хепатитисот преку обезбедување на достапни информации и активности на терен е фокусот на овој настан.
-Раното откривање е од огромна важност за тренингот и токму поради тоа скринингот и тестирањето играат витална улога во идентификувањето на инфекциите во раната фаза кога и самата терапија може да биде највлијателна, додаде Меџити.
Министерот истакна дека според статистиките, минатата година биле евидентирани 83 нови случаи на пациенти со Хепатитис од кои 43 случаи се со Хепатитис Б.
-Тежнееме да ги исполниме целите на Светска здравствена организација која имплементира глобална стратегија за елиминација на Хепатитис до 2030 година, додаде тој.
Директорката на ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија, д-р Калина Гривчева Старделова, истакна дека како клиника, заедно со пациентите, Министерството за здравство и Инфективната клиника, направиле голем чекор во 2018 година со кој денес и во нашата држава е достапна антивирусната терапија за Хепатит Ц, која во последните две, три години клиниката сама ја набавува и пациентите со оваа дијагноза можат да ја подигнат.
-Добивање на терапија за Хепатит Ц значи спречување на можноста за добивање карцином на црн дроб, истакна Гривчева Старделова и нагласи дека пред три години потпишале декларација заедно со Министерство за здравство, Здружение на пациенти и Инфективна клиника болница „8ми септември“ за рано детектирање, превентирање и навремено лекување на карцином на црн дроб.
Директорката истакна дека годишно има терапија на 63 пациенти на Хепатит Ц, додека терапијата за Хепатит Б се уште не е на позитивна листа и додаде дека постои листа на чекање на која се ставаат пациентите со цел одредување на соодветна терапија.
-Не е долга листата на чекање затоа што испитувањата се доста ригорозни согласно Европските здруженија. Се чека само во период тендерите додека дојдат, што не му пречи на пациентот, нема ништо да се случи ако почека два, три или четири месеци, бидејќи за да настане оштетување на црниот дроб потребен е подолг период, додаде таа.
Директорката нагласи дека пациентите рутинска контрола можат да направат и кај матичните доктори и во секундарно здравство, додека на терциерно здравство доаѓаат малку поспецифичните пациенти кои имаат одредени причини зошто се наоѓаат таму и додаде дека во нивната клиничка биохемија резултатите од лабараторија се готови денот после прегледот.
Во врска со ажурирањето на позитивната листа за Хепатит Б, министерот истакна дека формирана е комисијата, треба уште да назначат претседател на таа комисија и заинтересираните компании да почнат да аплицираат.
-Како што знаете, веќе 15 години не е ажурирана таа листа, сега е време. Целта е пациентите да добиваат поиновативна, квалитетна и ефективна терапија, нагласи Меџити.
Д-р Светозар Антовиќ, специјалист по Дигестивна хирургија, истакна дека единствен начин да се излекуваат пациенти со карцином на црн дроб е да се отстрани туморот, тоа значи да се извади или дел од црниот дроб или да се направи трансплантација на црн дроб.
-Ова е единствениот карцином каде што трансплантација и се прави, меѓутоа тие пациенти мора да исполнат точно одредени критериуми за да го понудиме тоа како опција за лекување, изјави Антовиќ.
Тој нагласи дека досега имаат тројца пациенти со трансплантација на црн дроб, од кои последната пациентка е оперирана пред една недела и е во добра состојба и дека листата на пациенти е динамичнасо не повеќе од 16 пациенти кои што чекаат.
Во врска со капацитетот на кадар за дигестивна хирургија, Антовиќ истакна дека како тим се четворица хирурзи водени од професорот Раџов.
-На последната трансплантација вклучивме и помлади доктори од нашата клиника, така да почнуваме и нив да ги воведуваме. Она што ни е цел е за скоро време да имаме два способни независни тима коишто ќе можат да вршат трансплантација, додаде тој.
Директоркана на Инфективната клиника истакна дека кај нив се третираат околу 1000 пациенти со Хепатит Б и Ц годишно.
Милан Мишковиќ од Хепа центар Битола истакна дека најчестите се жалбите од пациентите за недостиг на термини и за недостигот на терапија за Хепатит Б.
Министерот за здравство на настанот најави дека од септември ќе започнат кампања за подигнување на свеста на граѓаните и ќе бараат поддршка и од верските заедници по примерот Хрватска, која е добар пример за превенција од оваа болест, која исто така започнала со помош од Католичката црква.