Одбележан патрониот празник на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип


Министерката за образование и наука д-р Рената Дескоска денеска присуствуваше на свечена академија по повод патрониот празник на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.


 

– Ми претставува задоволство, денес заедно со Вас заеднички да го одбележиме патрониот празик на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој како еден од најмладите државни универзитети, е доказ како треба да се развива една институција во областа на високото образование. Вашиот универзитет е пример дека само со вредно работење и посветеност може брзо да се напредува кон зацртаните цели, рече Дескоска во своето обраќање пред присутните.

Она што е особено знајачно, истакна министерката, е тоа што само по неколку години постоење и функционирање на последните две рангирања на македонските државни и приватни високообразовани институции, Универзитетот „Гоце Делчев“ се искачи на второто место, напоменувајќи дека доказ за вистинскиот пат на универзитетот е и воспоставената соработка со преку шеесет универзитети и факултети од светот и Европа, како и успешната соработка преку Еразмус + програмата со над петстотини факултети.

– Како професор и министер за образование и наука, цврсто верувам, се борам и ќе се борам за автономијата на универзитетот и слободата на академската мисла. Факултетот не е само место каде што професорите го оценуваат знаењето на студентите, туку тоа е моесто каде што се креираат политиките на една земја, каде што се нудат можни решенија за одредни проблеми со кои се соочува општеството и светот околу нас, потенцираше Дескоска.

Во процесот на создавање на новиот Закон за високото образование, истакна Дескоска, покажавме како треба да изгледа еден процес на креирање на политики, напоменувајќи дека Законот беше пишуван во еден инклузивен процес во кој имаа можност да учествуваат сите универзитети, сите професори, студентите и граѓаните кои сакаа да дадат предлози за одредени решенија.

– Враќањето на автономијата на универзитетот, деконцентрацијата на моќта, создавањето на услови за демократски амбиент во и околу универизтетите заради гарантирање на академска слобода на мисла, изразување и творештво и создавање на предуслови за квалитетно високо образование ни беше мисла водилка во креирањето на законските решенија. Законот  е во собраниска процедура и се надевам дека ќе биде донесен во најкус можен рок. Тоа Ви го должиме Вам, но тоа им го должиме пред се и на нашите студенти кои го осветлија патот на борбата за автономија и демократија, рече Дескоска. 

Обраќајќи им се на студнетите, министерката Дескоска, напомена дека тие се и треба да останат прогресивната сила во нашата земја и дека тие треба да ги шират идеите за напредокот, идеите на 21 век, идеите за толеранцијата и соживотот.

– Вие сте оние кои треба да влијаете и да се борите ова општество да се деконтаминира од поделби и од омраза по етничка, политичка, верска и друга основа, поделби од 19 век кои за жал и во 21 век се уште постојат во Република Македонија. Борете се за европска Македонија, за Македонија во која младите ќе имаат иднина, додаде Дескоска.