Од утре се укинува полицискиот час, ограничувањето на работното време на угостителските објекти, бројот на гости на прослави и на забраната за концерти и забави


Владата на Република Северна Македонија на денешната 79-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе одлука за целосно укинување од утре на полицискиот час и на ограничувањето од максимум 100 гости на свадби и прослави, како и дозвола за организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.


 

Владата, како што соопшти владината прес-служба, донесе одлука од утре да престане да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија.

Исто така  од утре, 16 јуни, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.

Владата донесе заклучок да се дозволи одржување на настани на отворено со 50 отсто од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители.

Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50 отсто исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега.

Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.

Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.