Од сите проблеми, Бугарија се фати за коските на Гоце!

Дојче Веле – бугарска редакција

(Колумна на Ивајло Дичев)

Што точно сакаме ние од Македонците? Да се заколнат дека од денес натаму ќе го сметаат Гоце Делчев за Бугарин? Во парламентот да изгласаат дека не постои македонска нација?

Бугарија живее во состојба на постојана опсада. Едвај се спасивме од Норвежаните кои сакаат да ни ги земат децата, кога ете, сега Северна Македонија се заканува да ни ја одземе славната историја.
„Се надеваме, ама нема да биде“- така многумина ја протолкуваа заканата на Каракачанов дека ќе ја напушти владата доколку им дадеме поддршка на соседите за почеток на преговори со ЕУ. Позагрижувачки е што во хистеријата се вклучи и претседателот кој се постави како портпарол на главната опозициска партија. Што пак значи дека македонската тема ќе продолжи да им служи на предизборните пречкања, наместо да изразува национален консензус. И сето тоа- затоа што тамошниот племенски вожд рекол нешто во некакво интервју.

Фала Богу, од средбата кај претседателот не излезе ништо. Сакавме да поставиме некакви услови. Но остана нејасно какви точно- ама тоа ќе зависи од политичката ситуација. Просечниот бугарски граѓанин може да биде спокоен, избегната е уште една национална катастрофа.

Бесмислена митологија

Погледнете ја медиумската митологија со која живееме. Не убедуваат дека Ердоган ќе „пуштел“ милиони Сиријци кон Европа. И никој не се замислува како точно ќе се случи тоа (во кафези ли ги држи, со стап ли ќе ги брка)? Ни објаснуваат и дека ако ја прифатиме Истанбулската конвенција, бугарските учители ќе го менуваат полот на децата. Сега пак, како во занес повторуваме дека Македонците треба да признаат некои работи поврзани со историјата. Како точно си го замислуваме тоа? Два милиони луѓе да се заколнат над Библијата дека оттука натаму ќе го сметаат Гоце Делчев за Бугарин? Парламентот да им изгласа дека македонската нација не постои?
Многу од прашањето за кои водиме бесмислени спорови, немаат едноставни одговори. Роден во 1872 година, Гоце бездруго е дел од групата на етнички Бугари. Односно, православен е, но не е Грк, ниту пак Србин. Но, во тоа време нема бугарска држава, па Гоце Делчев се води како поданик на Османската империја- чудо како и Турците не си го побараа. Што се случува потоа, за што се бори- тоа се интерпретации со кои се занимаваат научниците. А историјата не е езгактна наука. Дали ни е тоа јасно?

Нема збор дека македонските учебници треба да се редактираат. Но тоа е државна работа која може да се бара и на патот кон членството. Нејасно е сепак, што е за нас навредливо? Некаде пишувало дека древните Бугари биле номадски народ од турско-монголско потекло. Не знам какво е мислењето на светската наука за тоа прашање. Но знам дека е тоа тема за научни дебати, а не за консултативни средби кај претседателот. И настојувам дека нема ништо страшно во тоа да си потомок на номадски народ, уште помалку на Турци или Монголи. Уште поважно: срамно е да бидеме навредени од оваа тема.

Грците сакаа нешто сосема конкретно: промена на името кое беше исто со нивната јужна провинција. А што точно ќе наведеме ние во нашите барања- „Република Северна Македонија се задолжува секој пат кога ги споменува древните Бугари да ги нарекува народ староседелец во кој не е откриена турска ДНК“?

Уникатна шанса

Научната проблематика може да се решава само во долг академски период. Но денес сме во едно друго, брзо политичко време- и треба да ја искористиме уникатната шанса за присоединување на нашиот сосед кон ЕУ, со што засекогаш ќе се избришат границите меѓу нас. Да, во Западна Европа не ги сакаат- во земји како Франција, Германија, Холандија и Австрија само околу 10% од граѓаните го поддржуваат приемот на Западниот Балкан. Симпатиите кон Северна Македонија се малку повисоки, но сепак се далеку под 50 проценти. Темата се врати на дневен ред дури откако минаа финансиската и миграциската криза, а Брегзит демонстрира нужда одново да се легитимира привлечноста на Унијата. Тој прозорец нема долго да стои отворен. И доколку во Бугарија се уште има вистински патриоти, тие треба да се стремат кон обединување на балканскиот регион, а не да ги слушаат жедните за власт национал-популисти, кои се чудат со што да ја маскираат својата политичка неспособност. Да не зборувам за оние кои по се изгледа се под команда на Москва.

Затоа што ширењето кон Западниот Балкан е поважно за нас, одошто за западниот дел од континентот. Во период на претседателствувањето со Унијата се претставувавме како први поддржувачи на соседите, успеавме дури да го убедиме и општественото мислење во Бугарија дека приемот на соседите е во наш интерес ( две-третини од Бугарите се „За“). И одеднаш- Гоце Делчев. Ненадминлив проблем.

А за проблемите…

А погледнете колку посериозни проблеми има наоколу. Прво, на европската средба на средината на октомври ќе се решава и за покана не само за Северна Македонија туку и за Албанија. Добро е што ние даваме согласност двете земји да продолжат во пакет. Албанија е прекрасна, динамична држава со младо население и добар раст. Проблемот е што, ниту едни избори досега не биле признаени од опозицијата. Прилега ли тоа на демократија, или не- што мислиме ние за темата?

Или да ја земеме Србија. Може ли таа да ги продолжи преговорите со ЕУ, без договор со Косово, кое ние го признавме како држава, но сериозен дел од русофилската заедница не го прифаќа тоа решение?

Да ја погледнеме Црна Гора- земја која е во преговори. Ни се допаѓа ли инвазијата на руски бизнисмени кои неодамна се обидоа да направат и пуч? Не плаши ли кинескиот капитал за изградба на автопат?

Најтешкиот проблем во регионот е особено изразен во Босна: потребата од помирување и соочување со минатото. Што мислиме за тоа ние во Бугарија? Да и се даде ли автономија на Република Српска, да дозволиме да се соедини со Србија? Да инсистираме на Дејтонскиот договор со надеж дека ќе се роди босанско-херцеговска нација? Камо да слушневме некои мисли на тие теми на Консултативниот совет…

Да бев на местото на власта

Неодамна Заев ја повика Грција да го заземе лидерското место во интеграцијата на Западниот Балкан. И веројатно беше во право- нас очигледно не не бива. Џафкаме за темата Северна Македонија, и тоа не за целата, туку за две-третини од неа- 1,3 милиони луѓе. А големата тема за регионот, којшто е од животно значење за нас, и за Европа, едноставно не ни е интересна. Не влегува во нашата фантазмагорична визија за историски драми и страсти.

Не ги опишувам тие потешкотии затоа што сум песимист. Напротив: верувам дека соседите ќе станат членки на Унијата за 10 до 20 години. И доколку ние одлучиме да ги попречуваме, ќе си останеме аутсајдери. Какви што сме, впрочем, и сега. Да бев на местото на нашето раководство, уште сега би започнал иницијатива за создавање на регионална група- како државите од Бенелукс или од Вишеград. Група која ќе го застапува регионалниот интерес, обединувајќи и членови и кандидати. Дали тоа не е подостојна битка за нашата политичка класа?

Ако го погледнете регионот низ економските показатели ќе видите дека тој е извонредно хомоген- просечна плата меѓу 400 и 600 евра (со исклучок на Грција), економија свртена кон подизведувачи, селско стопанство, туризам и неразвиена инфраструктура. Регион во кој, политичарите наместо да ги решаваат проблемите на своите држави, се зафатени со распалување на националистички страсти кои им ја легитимираат власта.
Тоа е стисокот во кој не држи приклештен медиумско-партискиот комплекс: замена на важните теми со емоционално набиена симболика. Наместо железничка пруга до Скопје- коските на Гоце.

(Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција. Тој е редовен колумнист на бугарската редакција на ДВ)

Вести

В недела лидерска кај претседателот на државата

Лидерска средба на иницијатива на претседателот Стедво Пендаровски, на која ќе присустуваат претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата ќе се одржи в недела во 17:00 часот во „Вила Водно“ […]

Вести

Мицкоски: Повикувам на средба на државниот врв, изборите се логично решение, во меѓувреме потребни се итни реформи

Недобивањето на датум за избори е лоша и непосакувана вест за Македонија. Треба да бидеме свесни дека државата влегува во разочарување и сето ова е последица на погрешните политики водени во последните неколку години. Ќе […]

Вести

Пендаровски: Сега не е време за калкулации и политички поени, туку за обединување околу нашата иднина

Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата […]