Обилните врнежи предизвикаа поплавување на земјоделски површини и куќи, следува постуден период


– Обилните врнежи од дожд предизвикаа зголемување на водостојот на реките, а наместа тие се излеаја од своите корита. Поради одрони, во прекин беше и сообраќајот на одредени патни правци. Синоптичарите за денеска попладне и за утре најавуваат нови врнежи, проследени со ветер и пад на температурите.



Поради продор на студена воздушна маса од север, се очекуваат локални врнежи кои речиси насекаде ќе бидат од снег и повеќе ќе бидат позастапени во западните делови каде тенка снежна покривка ќе има и на пониските места. Врнежите ќе завршат ноќта кон петок, кога ќе следува период со значително ниски температури. В петок и за време на викендот ќе биде суво и многу студено, а температурата во поголем дел од земјава преку целиот ден ќе се задржи под нулата. Најстудено ќе биде наутро за време на викендот кога температурата во Малешевијата и во Пелагонија ќе се спушти и до -12 Целзиусови степени.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) вчера информираше дека се очекува сите водотеци да бидат натпросечни за овој период од годината, но со појавата на минусните температури од четврток, нивоата брзо да опаѓаат. Поради можните излевања на некои реки и дел на нивните притоки, препораката е граѓаните внимателно да се движат покрај водотеците, суводолниците и клисурите.

Излевањето на дел од реките беше причина за поплавување на обработливо земјоделско земјиште, а во некои села беа поплавени куќи и помошни простории.

Во општина Јегуновце беа поплавени три куќи во селото Раотинце, како и земјоделско земјиште во Туденце, Сиричино, Јегуновце и Раотинце.

Во Велес, каде исто така тече Вардар, засега ситуацијата е под контрола. Има мали излевања кај дел од шеталиштето на Кејот и во близина на кафеаната кај „Ингилизот“ во Градскиот парк и на мал дел од бавчите во Речани, но без поголеми штети. Кризниот штаб, како што изјави градоначалникот Аце Коцевски, ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со УХРМ и другите надлежни институции со цел да се реагира навреме и да не се дозволи излевање.