Николоски: Бугарија мора да ги почитува одлуките на ЕСЧП и да не го спречува регистрирањето на ОМО Илинден Пирин


Пратеникот и потпретедател на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во рамки на посетата на Париз денеска оствари средби во Сенатот, и во Парламентот каде што се сретна со сенатори и пратеници.


 

Tој ќе учествува во работата на Комисијата за правни прашања и човекови права  на Советот на Европа каде една од основните точки за кои што се разговара денес е спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Неспроведувањето на одлуките на судот за човекови права на Советот на Европа поврзани пред се со забраната за регистрирањето на организацијата ОМО Илинден Пирин ќе биде една од темите на комисиската расправа.

„Во рамки на посетата на Париз учествувам во работата на Комисијата за правни прашања и човекови права  на Советот на Европа. Една од основните точки за кои што се разговара денес е спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Една од државите која што најмалку ги спроведува овие одлуки е нашиот сосед Бугарија, која што не сака да ги спроведе одлуките поврзани пред се со регистрирањето на организацијата ОМО Илинден Пирин. Јасно посочив дека Бугарија мора да ги почитува одлуките на Европскиот суд за човекови права како и одлуките на парламентарното Собрание на Советот на Европа и на Комитетот на министри на Советот на Европа со цел човековите права да бидат соодветно испочитувани“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски при посетата во Париз.