На инфективните оддели има 121 пациент со Ковид-19


– Вкупно 121 пациент позитивен и суспектен на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу
500 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.


 

Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани тројца нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 48 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 73 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во последното деноноќие, во Скопје на Институтот за ТБЦ немало приеми. Два примени пациенти имало во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ и еден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени тројца оздравени пациенти.

Во ковид – центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат пет пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 15 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 28 пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и изутрината до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани седум пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани пет пациенти. На инфективното одделение во Тетово има двајца пациенти, во Велес се лекуваат 11 болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани седум пациенти, во Прилеп тројца, во ковид – центарот во Гостивар осум, а во Струга четири болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се девет пациенти, во Кичево двајца, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на коронавирусот.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.