Музејот на македонската борба бара одговорност за упадот во Порта Македонија




 

Музејот на македонската борба – Скопје, најостро реагира на злоупотребата и упадот во објектот Порта Македонија. Тие информираат дека денеска од страна на лица кои се претставиле како членови на невладина организација, на терасата на објектот бил поставен транспарент со недолична содржина.

„Согласно потпишаниот договор, на терасатa, почитувајќи ги сите препораки за заштита од Ковид-19, денеска требаше да се одржи настан ‘Состанок со млади лица за подигање на јавната свест кај младите за заштита на културното и историско богатство на нашата земја’, во траење од 1 час. Наместо состанокот, присутните, го искористиле моментот и неовластено го истакнале транспарентот со цел истиот да биде снимен и пренесен од медиумите“, се вели во соопштението.

Музејот реагира на оваа груба злоупотреба и истовремено потсетува на членот 5. од договорот во каде стои дека дејствијата кои ќе се одвиваат во закупените простории, исто така и во околните простори ќе бидат користени исклучиво за намени наведени во чл. 2 од договорот, односно дека нема да се злоупотребат за националистички и дискриминаторски цели, дискриминациски претензии на национална, верска или кој било вид на разгорување човечка нетрпеливост.

„Музејот ќе ги преземе сите правни чекори за утврдување одгoворност на учесниците и потписникот на договорот.Самиот настан претставува груба манипулација со граѓаните во име на невладините организации, а музејот ќе преземе мерки за откривање на сторителите и сите вклучени овој немил настан“, се вели во соопштението.