Митко бил на десетици планинарски февруарски походи


–  Митко Василев од Неготино е долгогодишен планинар, тој досега бил учесник во десетици планинарски февруарски походи. МИА го сретна и на последниот, организиран деновиве во Поткожувјето. Првиот поход му бил во 1977 година. Порано, ваквите походи траеле по неколку дена и за тоа време се минувало покрај неколку села, па планинарите биле пречекувани од гостопримливи мештани кои им овозможувале да преспијат во своите домови.



-Сите сакаа да примат планинари дома, да ги пречекаат со планинарско гравче. Дури имаше случаи кога оние кои остануваа без гости, се лутеа поради тоа, ни раскажа тој.

Низ годините, му останале сеќавања за разни случувања додека со часови планинарел во рамките на тие походи.

-Никогаш нема да заборавам дека на првиот поход, еден планинар цело време се жалеше дека нешто му тежи ранецот, за по некое време да сфати дека всушност другарот шегобиец потајно му ставил камен во ранецот, за да се пошегува со него. Имаше најпрвин лутење и сочни тиквешки пцовки, за на крај се да заврши со другарско прегрнување, за МИА евоцираше спомени Митко.

На почетокот од неговата планинарска кариера, не знаеле дека задолжително мора да се носи вода за пиење во ранецот. Оти човек не знае што го чека.

-Се случувало да јадеме и снег, за да ја угасиме жедта за вода. Подоцна разбравме дека тоа не чини.  Снегот е многу ладен, па, барем во мојот случај, ако јадам повеќе снег,  обавезно добивам херпес на устата. Најверојатно поради разликата во температура на човечкото тело и снегот. Таа разлика не му одговара на мојот организам. Оттогаш, на секое планинарење редовно носам најмалку два литри вода, откри Василев.

Тој се осврна и на искуството кое вели дека потешко е за планинарење кога е кално. Многу е полесно и поубаво кога се гази на мал снег или на суво.

-А планинарското дружење збогатено со гитари и музика, е она што останува како нешто најпримамливо и како еден од најубавите спомени. Бевме млади, за загревање пиевме и домашна жта. Ретко некој претеруваше со пиење, а ако некому му се случи неколку пати да пие без мерка, следуваше исклучување од планинарските дружби, ни раскажа овој искусен планинар.

Тој откри, исто така дека и порано како и сега, планинареле луѓе од различни генерации.

-Порано планинареа повеќе мажи. Од женскиот пол, по планините можеа да се сретнат планинарки моми, или такви кои беа покрај своите брачни другари. Добро е што низ годините се охрабрија многу повеќе припаднички од женскиот пол да излезат и да планинарат. Покрај своите мажи, но и без нив, дециден беше овој љубител на природата и планините.

Тој се сети и на една друга анегдота од неговиот богат планинарски живот.

-Еден од планинарите цел ден се жалеше дека едниот чевел некако му е тесен. На првата пауза, во него најде платнена влечка. Таму се нашла, во брзината при спремањето за да се излезе во планина, појасни тој.

Разврзавме муабет и околу скептицизмот на околината околу желбата за планинарење, кој, како што нагласи, порано бил многу поголем.

-Кога се движиме со ранец, некои со подбивање ни дофрлуваат да фатиме некоја работа. Па ни викаат, па ај воа лозјето да го скопаме, обериме или искроиме. Искрено да кажам, не сме сфанати потполно и денес. Ама ако. Ние си знаеме колку големо богатство е планинарењето. Вистина е дека дури ни мајка ми, ден денес не може да ја сфати мојата огромна љубов кон планините. Порано, другарите, исто така не можеа да разберат како тоа толку многу сум се заразил од вирусот наречен ,,планинарење”. Но, ако не беше планинарството, никогаш нема да видев безброј места, што нудат толку многу убавини, од кои застанува здивот, коментираше долгогодишниот планинар.

Годинешниот планинарски февруарски поход го организираше спортско планинарското друштво ,,Орле” од Кавадарци. За околу четири часа, се испешачија околу 13 километри од месноста Мушов гроб до кавадаречкото село Мрежичко. По снег и кал, по земјен пат и козји патеки.

-Годинава, како и секогаш, со ова оддадовме почит на нашите херои од Народноослободителната војска на Македонија, кои во февруари 1944 година го имале партизанскиот февруарски поход, кога извршиле неколку оперативни дејства на територијата на источна, централна и западна Македонија. Се учествува од почит спрема тие борци што учествувале, а најмногу за оние чиишто  коски засекогаш останале по планините. Јас повеќе поради тоа учествувам кога можам, па и оваа година во време на пандемија од коронавирус, почитувајќи ги сите мерки за заштита од Ковид-19,особено одржувањето дистанца. Иако, овојпат имаше многу помалку учесници отколку во минатото, кога масовно се планинареше на секој планинарски февруарски поход. А секој планинарски февруарски поход, има своја приказна. За неа, меѓу другото говорат и мразулците што висат како најубави лустери, првите цвеќиња кои ги подаваат главите покрај снегот, природата што се буди, рече Митко Василев.

Светлана Дарудова