Министерство за здравство: Во последните две години направени се значајни подобрувања



На почетокот, пред да одговориме на писмото од Синдикатот на Клинички центар, би сакале како што е досегашната пракса да ги поканиме на состанок претставниците на Синдикатот и да разговараме за сите отворени прашања.


 

Во последниве две години направени се значајни подобрувања во јавното здравство. Повеќе од десет години платите на здравствените работници не беа покачени, ниту пак се ценеше нивниот труд.

Само во 2018 година се дадени 3,200 согласности за вработување. Во 2018 година за 5% се зголемија платите на 19.123 вработени, додека пак во јануари 2019, за 5% се зголемија платите на медицинските сестри и 10% на докторите специјалисти. Нашата заложба и обврска во 2020 година е платите на лекарите специјалисти да бидат 100 илјади денари. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства и ноќен труд.

Приватните специјализанти, од минатата година за првпат се платени за својата работа, во висина со просечна плата на општ лекар.

Почнавме со процес на отворање на можности за секој млад лекар да биде дел од јавното здравство. Во тек се јавни повици за работа во траење од 6 месеци со кои на младите лекари и медицински сестри им се дава шанса за стекнување на практично искуство, работа и знаење.

Сите овие мерки се препознаени и од самиот медицински кадар, кој со години не бил во фокусот на Владата.

Одливот на здравствениот кадар, не е проблем отсега, туку е проблем кој со децении постои секаде во светот. За првпат оваа Влада покажува спремност, подготвеност и отвореност за подобрување на статусот на сите вработени во овој сектор, со цел нивно задржување во нашата држава.

На 14.05.2019 година, на 135. седница, Владата ја усвои предлог-одлуката за почнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Целта на постапката за доделување договор за јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје е финансирање, дизајнирање, изградба на објектот, користење, управување и одржување на новиот објект сè со цел да се исполни целта на ЈПП и давање квалитетна услуга. Во моментов ги разгледуваме сите опции за намалување на цената за паркинг на вработените.

Отворени сме за комуникација со синдикалните движења, бидејќи тие се двигателот на промените. Но, очекуваме и предлози од нивна страна за подобрувањето на услугата кон пациентите, што е основа на секој здравствен систем. Мора и треба пациентот да биде на прво место.

Министерство за здравство