Мартин Јованоски за Опсервер: Не ја игнорирајте анксиозноста, прифатете ја!


Анксиозноста е порака, реакција на телото и умот! Некаде грешиме, некаде се згаснуваме себеси, сопствените потреби, сопствените мечти…Знам дека е тешко да се обидеш да разбереш нешто што те кине одвнатре, знам дека е тешко да подадеш рака на нешто што сака да те уништи, ама друг лек нема! Процес е, бара себеспознавање, бара промени, бара да направиш да се почувствуваш жив за промена. Конечно да се разбуди тој вулкан во себе, вулкан  кој предолго бил згаснат! – Мартин Јованоски, автор на книгата „Зошто јас?“


 

Анксиозноста не е шега. Не е ниту состојба од која може брзо да се излезе, а многу често личноста која што има анксиозност не може да одреди од каде доаѓа таа. Зошто сме вознемирени? Од каде доаѓа стравот? Кое е решението? Борбата со неа е тешка, но Мартин вели дека не треба да ја игнорираме, туку едноставно да ја прифатиме. Таа е еден дел во нас кој што ни вели „Не“ на секој потег. Се сомнева во секое наше решение и таа е онаа со која што прва разговараме и се конфронтираме пред да застанеме пред било кој. Пречи во секојдневните односи, пречи во пријателствата, во љубовта, но тоа е така затоа што сакаме да ја снема, да ја игнорираме за да можеме „нормално“ да функционираме. Но, на анксиозните луѓе им треба само некој да ја прифати нивната состојба, да го разбере нивниот постојан страв и нивните епизоди на вознемиреност и лоши сценарија во главата.

Со Мартин Јованоски, авторот на книгата „Зошто јас?“ разговараме за анксиозноста, нејзините манифестирања врз човештвото во време на пандемија и справувањето со неа. Мартин е оној кој ја погледна анксиозноста во очи и реши да ја прифати со сите нејзини маани и доблести. И со неа се живее. Од таму настана и книгата „Зошто јас?“ која што ескалираше за брзо време помеѓу читателската публика како една од најчитаните книги за минатата 2020 година. Таму тој го стави својот живот на отворените страници, ја разоткри анксиозноста пред сите и откри како е да живееш со неа и во добро и во зло.

Во продолжение прочитајте го интервјуто што Опсервер со големо задоволство го направи со Мартин Јованоски:

Мартин, анксиозност со карантин и полициски час како резултат на светска пандемија, не одат заедно, нели? Како го помина овој период како лице директно засегнато од анксиозноста?

Уфф, да. Лоша комбинација !

Непознат, смртоносен вирус, карантин, секојдневни вести за новозаболени и починати, месеци и месеци неизвесност и страв…Помина повеќе од една година и се’ уште сме таму. Нестрпливо го чекаме крајот, а уште одамна ни најавија некои нови правила, некаква нова нормалност која треба сите да ја прифатиме…

Се оттуѓивме, се изолиравме, се скривме во своите домови. Жедни сме, ужасно сме жедни за физички контакт, за дружба, слобода, жедни сме за допир. И тоа е факт, и исто е кај сите, без разлика дали тоа некој го признава или не.

Никој не е имун вклучувајќи ме и мене, меѓутоа, последнава година некако научив како да ја трошам енергијата и што помалку да размислувам. Работам, пишувам, секој слободен миг го користам да си избегам на некое од своите места, онаму каде не постои страв, немир и било каква анксиозност…

 Како се одрази ова на луѓето со анксиозност во текот на изминатиот период, со оглед на тоа дека ти си во постојан контакт со нив преку групата на Facebook Анксиозност, панични напади, стравови“, која што брои над 13 илјади членови?

Да бидам искрен, доколку зборуваме за членовите на групата, сметам дека немаше којзнае каква реакција на се’ ова надвор. Едноставно, додадоа уште една точка на листата на рационални и нерационални стравови со кои се борат години наназад.

Многу полошо поминаа оние кај кои глобалната пандемија придонесе за првпат да ги почувствуваат класичните симптоми на анксиозност, немирот и целата физичка симптоматологија. Тие се сега збунетите, прашуваат дали треба да се обратат на стручно лице, психијатар или психолог, дали треба да пијат некаква терапија или едноставно да чекаат да помине…

Едноставно, таму дома, во некој чуден карантин меѓу четири ѕида, во тишина, со сиот стрес кој го носи овој тежок за поднесување начин на живот…тоа предизвика многумина да се приклучат на групата на луѓе кои секојдевно се борат со своите мисли, со анксиозноста, паничните напади и депресијата.

Во твојата книга „Зошто јас?“ ги опишуваш твоите подеми и падови при борбата со анксиозноста. Книгата е рекордно продавана и читана низ Македонија, а сега веќе излегува и надвор од македонскиот пазар и читателска публика. Го очекуваше ли ова?

Да бидам искрен, го очекував!

Од прва рака знам колку е мачна, колку е честа анксиозноста. Јас не напишав чудо, јас не напишав којзнае што. Јас напишав живот, обичен живот, со сите маки и треснувања од земја.

Читаноста, интересот на медиумите, целото внимание кое го добив заедно со “Зошто јас?”, се должи само на еден факт. Пишував искрено, не шминкав, не глумев, не се ни обидов да се прикажам лажно, не се ни обидов да бидам поголем од тоа што сум во очите на другите. Едноставна, гола реалност. Искрено до коска, и за падовите и за кревањата угоре.

Читателите се пронајдоа, можеби плачеа дури читаа, можеби ги стегаше нешто во градите, ама се пронајдоа. Почувствуваа дека не се сами, дека и друг го одел истиот пат. И сега е добар, сега диши, сега подава рака на другите…

“Зошто јас?” им дари надеж, им дари мотив и сила. Им даде сила да погледат на други места, длабоко во себе, места каде претходно не се осмелувале да погледнат !

Ќе има ли книгата втор дел? Имаш ли нови материјали, искуства и лекции кои што би ги преточил во уште едно книжевно дело и би им пренел една порака на останатите дека не се сами во борбата со анксиозноста?

Нема да се осмелам да речам не, меѓутоа, искрено, не верувам. Го кажав она што сметам дека е клучно, ставив се’ низ страниците. Нови материјали немам, искуства да, сите само ми потврдуваат дека постапив правилно со сите промени и резови кои ги направив во своето секојдневие, во начинот на живот.

Останувам тука, со своето искуство, секогаш ќе зборувам отворено за оние кои се спремни да слушаат, ќе давам поддршка на оние кои најмногу им треба, на оние кои се долу, не по своја грешка и не по своја вина !

Ниеднаш не сум одбил интервју, гостување на ТВ или нешто слично. Ниеднаш не сум одминал ниеден крик за помош, од познати и непознати луѓе таму надвор. Колку и да ми е мачно и напорно на мигови. Така било, така и ќе остане. Во тој дел немам никакви дилеми !

Кој е лекот за анксиозноста? Што треба да направиме за да се соочиме со нејзиното постоење, независно дали ние страдаме од неа или некој наш близок?

Потребно е прифаќање. Тоа пред се’ !

Прифаќање наместо игнорирање. Прифаќање наместо мразење. Прифаќање без самоосуда и бес. Анксиозноста е порака, реакција на телото и умот !

Некаде грешиме, некаде се згаснуваме себеси, сопствените потреби, сопствените мечти…

Знам дека е тешко да се обидеш да разбереш нешто што те кине одвнатре, знам дека е тешко да подадеш рака на нешто што сака да те уништи, ама друг лек нема !

Процес е, бара себеспознавање, бара промени, бара да направиш да се почувствуваш жив за промена. Конечно да се разбуди тој вулкан во себе, вулкан  кој предолго бил згаснат !

 Што прави анксиозноста во животите на луѓето кои што ја имаат?

Ахх тешко е ова да се одговори. Тешко е да се најдат вистинските зборови…

Анксиозноста може да направи да се почувствуваш како заробеник во својата кожа. Како да си вечно осуден на радикализиран, нерационален страв и константно, исцрпувачко размислување за се’ и сешто. Сите реални и нереални сценарија кои би се случиле во иднина. Несоница, мачнина, умор, избегнувачко однесување, дистанцирање од секого…

Во такво секојдневие, во таква борба нема простор за среќа, нема простор за убавини, за мир, ниту среќа…

Кој почувствувал – знае.

Силен непријател, зло. Тоа чудо не се ништи. Барем не со борба, не со класична борба !

Анксиозноста е состојба, не е болест. Но, како да се објасни ова на луѓе кои што не се запознаени со неа и не можат или не знаат како да ги прифатат анксиозните личности и нивниот различен начин на функционирање?

Болеста е видлива, не може да се сокрие. Колку и да ја криеш, некој ќе ја забележи. Тоа е разликата, тоа ја издвојува анксиозноста !

Има луѓе кои десетици години се борат со анксиозноста, тоа се луѓе со кои се сретнувате секојдневно на улица, во маркети и во комшии. Луѓе кои ви се роднини или колеги од работа…

Одвнатре се разорени, а вие тоа не можете ниту да го забележите !

И трае, и мачно е, ама не се умира. Никој не умрел од анксиозност. И тоа е факт, едноставно е…

Затоа се прави таа дистинкција. Затоа анксиозноста се двои од депресијата и сличните на неа дијагнози.

Ќе имаме уште едно неизвесно лето со рестрикции, а вирусот се’ уште е присутен. Како да се редуцира тој притисок од тоа, за да може една анксиозна личност да функционира без потешкотии?

Да, колку и да се надеваме дека вакцините ќе дејствуваат, извесно е дека ни претстојат нови рестрикции и карантини. Повеќе време дома, повеќе време за мислење и анализирање.

Физичката работа е лек !

Акумулираната енергија мора да се троши. Нека телото биде исцрпено, само умот да е бистар и остар. Работа во двор, време за себе, време за некое подзаборавено хоби и прошетки надвор. Секојдневни прошетки надвор на воздух по можност покрај река или езеро. Го смируваат телото и умот !

И внимавајте со кого ви минуваат дните, луѓето наоколу можат да вивнат до небо или да ве истрескаат од земја. Затоа внимавајте кого пуштате до себе, особено внимавајте на тој момент !

Која е твојата мотивациона порака до читателите на Опсервер?

Чувајте се себеси !

Наградувајте се што почесто !

Животот стана ужасно комплициран, пребрзо е темпото, нормално е да се почувстуваме роботизирано низ деновите кои ужасно брзо минуваат. Наше е само да најдеме начин низ нив да внесеме љубов и радост, возбуда и страст, барем некои мали, слатки мигови кои ќе не потсетат дека сме живи.

Внимавајте на социјалните мрежи, внимавајте со што ја храните потсвеста !

Надеж !

Надеж и љубов !

Чувајте ги, само нив, ништо друго не е важно, ништо друго не вреди на светов !

Се’ ќе биде во ред !