Македонскиот јазик и идентитет се неспорни, можен патоказ кон Договорот со Бугарија, но не како дел од преговарачката рамка


– Македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори, потенцираа вчера високи претставници на Владата и напоменаа дека темната страна на историјата треба да остане зад нас, а решенијата со Бугарија да се бараат преку взаемно почитување и простување. Темел за решавање на спорот е Договорот за добрососедство, постои можност кон него да се додаде патоказ за спроведување на договореното, но не како дел од преговарачката рамка, туку како дел од ЕУ процесот.



Високи македонски функционери вчера ги изнесоа своите ставови за спорот со Бугарија, по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, кое предизвика бурни реакции во јавноста и по кое тој самиот следниот ден одговараше на новинарски прашања, меѓудругото потенцирајќи дека  македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори и наведувајќи дека никаде во светот не се преговара за идентитет и за својот мајчин јазик.

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски вчера изјави дека одлуките на партијата и на Владата се синхронизирани за се што изнел и дообјаснил премиерот Зоран Заев во неговото интервју за бугарската БГНЕС во однос на историјата, а коешто предизвика реакции.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за Алсат посочи дека дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.

Тој се осврна на едно од барањата на бугарската страна за патоказ кон Договорот, напоменуваќи дека тоа е можно. – Ако констатираме дека Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, но потенцира дека патоказот, сепак, би бил дел од ЕУ-процесот, но не би бил формално дел од преговарачката рамка, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји членки. Додаде дека деновиве со Бугарија се разговара и на оваа тема, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања.