Македонскиот јазик и идентитет не се на масата за преговори, Берлин останува оптимист за првата меѓувладина до крајот на годината


–  Нашата државност почива на темелите на антифашизмот, но неприфатливо е давање етнички карактеристики на фашизмот,  изјави вчера премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, осврнувајќи се на ставовите што ги искажа во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, а кои предизвикаа реакции во јавноста.



Заев вчера одговараше на новинарски прашања по реакциите кои ги предизвика неговото интервју во македонската јавност, а меѓудругото потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори, наведувајќи дека никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Додаде дека Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените.

 АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Дали било тоа во бугарски или кој било друг контекст. Темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа, изјави вчера Заев.

Тој изрази жалење што интервјуто предизвикало силни негативни емоции, за кои, како што рече, е целосно свесен и ги разбира до детал.

– Но, во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Заради заедничката иднина во Европската Унија, која е пример како во име на иднината најдлабоките разлики и историски конфликти беа оставени во минатото. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите, рече Заев и порача дека само со почитување на разликите и заедничка борба против говорот на омраза и нетолеранција во македонското и бугарското општество можеме да градиме добрососедски односи и заедничка иднина.