„СДСМ е единствената политичка сила која има моќ, знаење, упорност и посветеност да ја внесе државата во ЕУ, затоа не се откажуваме и знаеме дека граѓаните ќе нè поддржат на 8-ми мај за заедно да обезбедиме сигурна и просперитетна иднина за државата“, порача претседателот на СДСМ и носител во ИЕ 1, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во општина Центар.
На политичките противници им испрати порака да не гаат илузии дека СДСМ лесно ќе се откаже од борбата за парламентарните и вториот круг од претседателските избори. Ковачевски порача дека историјата и традицијата на СДСМ, но одлучност за европска иднина на Македонија се најдобар доказ дека ние никогаш не се откажуваме, рече Ковачевски.
„СДСМ е партија која е единствен наследник на НОБ. СДСМ е партија која е изградена на основите на крушевскиот манифест на АСНОМ, на победата над фашизмот. СДСМ е партија која ја внесе Македонија во ОН, на чело со Киро Глигоров. Оваа партија е фундаментот на независна Република Македонија.Оваа партија, заедно со вас граѓаните, успеа да сруши режим и да ја ослободи државата после 11 години изолација и злоупотреби од ВМРО – ДПМНЕ.Никогаш нема да се откажеме од нашите социјал-демократски вредности“, рече Ковачевски.
Ковачевски потенцираше дека тој и другите членови на раководството на СДСМ ја разбираат и прифаќаат пораката на граѓаните од гласањето во средата. Сепак, порача дека конечниот изборен резултат сè уште не е одлучен.
„Изборите на 8-ми мај ќе бидат тешки. Ние сме ја имале вашата поддршка особно во Центар, кога било најтешко. Кога режимот на Груевски, менторот на Мицкоски, носеше луѓе од Пустец, гаснеше струја, расипуваше лифтови, заплашуваше само за да не дозволат СДСМ да ја добие локалната власт во Центар. Но, не успеаја. Затоа што и тогаш заедно со коалиционите партнери тука присутни денес сите, покажавте истрајност и покажавте упорност и непоколебливост. Затоа, ве повикувам, пред да гласате на 8-ми мај, убаво да размислите кој го заслужува вашиот глас, бидејќи тоа е највредниот демократски инструмент во рацете на граѓаните“, рече Ковачевски.
Ковачевски најави дека во СДСМ постои цврсто единство и сите се обединети околу целта Македонија да стане членка на ЕУ затоа што тоа ќе обезбеди повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство.