Спасовски: Контролата на оружјето е силен предуслов за градење безбедни заедници


Контролата на оружјето е силен предуслов за градење безбедни заедници и очекувањата се дека двата системи ќе помогнат да се превенира и значително да се намали понудата, побарувачката, а најважно, злоупотребата на огненото оружје, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната презентација на резултатите од проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“.


 

Во рамките на проектот, чија крајна цел е намалување на злоупотребата на мало и лесно оружје како една од најчестите причини за оружени инциденти во државата се креирани модерни дигитални алатки кои овозможуваат посеопфатен пристап во процесот на прибирање, споделување и анализа на информации во повеќе важни сегменти од полициското работење.

Надградбата на регистарот за оружје овозможува следење на оружјето од влегувањето во државата на граничните премини, па сè до крајниот купувач. Од друга страна, новиот Полициски информациски систем претставува модерна алатка за електронско евидентирање, следење и анализи на инцидентите поврзани со оружје.

– Двете компоненти на проектот овозможуваат дигитализација на работните процеси и на начинот на евидентирање и следење на оружјето. Со развојот на двата информациски системи, системот за регистрација и следење на оружјето за цивилен пазар и полицискиот информациски систем, МВР покажа целосна посветеност, во делот на развојот на современите алатки за полициско работење кои значително ќе го подобрат процесот на размена на информациите, посочи Спасовски.

Заменик амбасадорот на СР Германија, Ото Граф, истакна дека клучната цел тука е да се креираат заедници кои што се отпорни на насилство.

– Клучната цел треба да биде тука да се исконтролира оружјето целосно и притоа да се овозможи спречување на кривични активности, криминал, и сето тоа како краен резултат да доведе до надградба на побезбедни заедници во земјата и регионот, истакна Граф.

Армен Грегоријан, постојаниот претставник на УНДП посочи дека проектот се имплементирал како дел од Патоказот за контрола на мало и лесно оружје, чија основна цел е да се воспостави систем на контрола на малото и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, согласно европските и меѓународните стандарди.

– Целта на овој патоказ беше да служи како водечки документ, развиен и во посед на регионалните власти во постигнувањето на одржливи решенија за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со огнено оружје и муниција на територијата на Западен Балкан, рече Граф.

Со цел поефикасно користење на новите дигитални алатки, во рамки на проектот била надградена техничката опрема во МВР. Притоа се обезбедиле 127 компјутери, 68 печатачи, 60 скенери и 25 специјални печатачи за дозволи за оружје. Дополнително, над 350 полициски службеници минале низ процес на обуки за користење на двата система.

Проектот во изминатите три години го спроведе Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за внатрешни работи.

На новинарско прашање дали за лице кое аплицира за оружје е доволен процесот кој што треба да го помине, или треба поголема контрола, Спасовски посочи дека законските решенија секогаш се анализираат посебно од аспект на нивното спроведување и ниту едно законско решение не е дадено еднаш засекогаш.

– Тоа подлежи и треба да подлежи на одредени промени. Ние неколку пати веќе правиме промени на законските решенија од областа на оружјето со цел тие негативности кои што ни се јавуваат во практика да бидат отстранети. Дали е доволна оваа постапка која што ја имаме сметаме дека во овој момент е доволна заради тоа што има повеќе елементи преку полагањето на испитите, оспособување за ракување со оружје, запознавањето на законската регулатива на секој еден кој што сака да поседува оружје, притоа поминувајќи низ безбедносни проверки, низ првостепена комисија, па на крај низ второстепена комисија и добивањето на оружјето, образложи Спасовски.

Дополни дека како општество, многу треба да работиме на јакнењето на нашата јавна свест.

– Колку ќе јакне повеќе јавната свест за едно одговорно однесување во општеството и колку повеќе ќе бидеме свесни дека безбедноста на оваа држава и напредокот на оваа држава зависи прво од мене, па после од сите останати, и дека не само една институција може да биде доволна за да ги опсервира и да  прифати сите овие потреби кои ги имаат граѓаните, дотолку повеќе ќе имаме и високо ниво на стандарди на кои ние ќе се однесуваме, рече министерот.