Како да ги заштитиме најмалите на интернет


Како родители, правиме се што е во наша моќ да ги заштитиме нашите деца, не само додека играат безгрижно во најблискиот парк но и додека сурфаат на интернет. Со самиот факт што голем број од нив во време на пандемија следат настава од дома, истовремено додека нивните родители работат од друга просторија, голема е можноста да посетат веб страници како и да симнат апликации на телефонот кои не се соодветни за нивна возраст. Од тука доаѓа потребата за едукација на најмалите за тоа како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа да ги заштитат своите лични податоци.


 

За таа цел веќе четврта година по ред А1 Македонија го спроведува проектот „Интернетот не e само игра… Кликај безбедно!”, оваа година целосно во онлајн формат со предавања преку платформата на Microsoft Teams. Работилниците се наменети за учениците од 4то одделение, кога и за прв пат во наставната програма се запознаваат со предметот Работа со компјутери.

Предавачите волонтери, вработени во А1 Македонија, сите дел од овој проект од самите негови почетоци, со голем ентузијазам ги држат предавањата и се трудат да им го пренесат на децата сето своето знаење. Ги учат како да ги препознаваат “небезбедните” веб страници, како правилно да ги користат пребарувачите и апликациите, да не споделуваат свои слики и лични податоци, како да креираат безбедни лозинки, и најважно од се, ги учат дека се што им изгледа сомнително или чудно треба да го пријават на своите родители или наставници. Брошурата во која учениците ќе најдат многу корисни информации за интернетот може да се најде на официјалната страна на А1 Македонија на следниот линк.

Во четвртиот циклус предавање одржани се 5 работилници а до крајот на учебната 2020/2021 година се планирани уште 5 и тоа во градовите Кавадарци, Тетово, Штип и Скопје. Програмата се реализира во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија, а со одобрение на Бирото за развој на образованието.