Јарц: Надминувањето на спорот помеѓу Скопје и Софија е многу важно за словенечкото претседателство


Словенечкиот амбасадор во ЕУ, Изток Јарц, за МИА изјави дека проширувањето и пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија се од голема важност за словенечкото претседателство со ЕУ, кое започнува на први јули, јави дописничката на МИА од Брисел.


 

Амбасадорот Јарц денеска одржа дискусија со новинари, експерти и дипломати во Европскиот центар за политика во Брисел.

Тој истакна дека Словенија за време на своето претседавање со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување во ЕУ согласно новата методологија за преговори и се надева дека тоа ќе помогне да се засили ЕУ перспективата за земјите од Западен Балкан.

Јарц додаде дека е можно идната недела веќе да се разговара за односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија на амбасадорско ниво (КОРЕПЕР), во пресрет на Советот за општи работи на 22 јуни на кој треба да се донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија.

-За Словенија е важно да се промовира интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ и се разбира да се надмине застојот помеѓу Бугарија и Северна Македонија, ние сме многу благодарни за дипломатската работа на Португалија во овој поглед, и колку што знам темата треба да се дискутира идната недела на КОРЕПЕР, изјави амбасадорот на Словенија во ЕУ.

Тој додаде дека за време на словенечкото претседателство одржувањето на меѓувладината конференција со Северна Македонија и Албанија ќе остане високо на листата на приоритети штом се надмине спорот.

-Се надеваме дека меѓувладините конференции ќе се одржат што е можно поскоро, додаде Јарц.