Извештај за состојбите и условите во казнено – поправните и во воспитните установи 2022 година

izveshtaj-za-kazneno-popravnite-ustanoi

Подобрени материјални услови во дел од казнено поправните установи како и вложување на напори за едукација на вработениот кадар, но и конечното ставање во функција на Тренинг центарот во Идризово, покажува Извештајот за состојбите и условите во казнено – поправните установи и воспитната установа 2022 година, подготвен во рамките на проектот „Борба против тортура и нехуман третман“, финансиски поддржан од Европската Унија.

Покрај позитивните промени, како што е посочено во Извештајот, системските недостатоци сè уште постојат.

-Мултисекторската соработка помеѓу надлежните институции е на ниско ниво, а како најгорливи проблеми остануваат пристапот до здравствена заштита, образованието, корупцијата, супстандардните услови за живеење во некои од казнено поправните установи како и немањето на соодветни услови за имплементирање на програмите за ресоцијализација, но и за слободни и вокациски активности на осудените лица, се вели во Извештајот.

Извештајот, воедно, содржи и препораки за секоја казнено-поправна установа, како и генерални препораки за надлежните институции во насока на подобрување на состојбите и условите во казнено-поправните и воспитно-поправните установи.

Во Извештајот се препорачува Министерството за образование итно и неодложно целосно да го
организира и финансира образовниот процес во ВПД, измена на член 16 став 3 од Упатството за дисциплинска одговорност за децата кои издржуваат воспитна мерка кој не дозволува детето да вложи жалба на решението за изречена дисциплинска мерка, Министерството за труд и социјална политика да преземе мерки со цел исполнување на обврските на надлежните центри за социјална работа за поддршка на децата кои издржуваат воспитно поправна мерка и нивна постпенална помош, судиите за деца е потребно да спроведуваат редовни посети во воспитно поправниот дом со цел да испитаат каков ефект има заводската мерка врз децата и нивната ресоцијализација.

Во препораките е посочено дека Министерството за здравство неопходно е да им овозможи на докторите и медицинската сестра од ВПД пристап и работа во Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој термин, обука на докторите од ВПД за превенција од дроги и превенција на зависност, вклучително јатрогена зависност од прекумерна употреба на седативи и хипнотици, како и за проценка и третман од дроги, вклучително опијати и други коморбидни психички состојби.

-Неопходно е да се обезбеди програма за третман на малолетни лица со растројства предизвикани од употреба на дроги, вклучително опијатни дроги и протоколи за третман за
да се обезбеди хуман третман и отсуство на страдање од апстиненцијлните симптоми, потребна е психоедукација и редовно следење и проценка на состојбата при детосификација од средствата за смирување/спиење. Кај развиена зависност од овие лекови, третманот треба да се спроведе од детски психијатар/психијатар во болнички или вонболнички услови во зависност од острината на клиничката слика со неопходен последователен долготраен психосоцијален третман и грижа за превенција на рецидив кој во голем процент може да се случи поради природата на болеста, потребна е редовно, точно, прецизно и доверливо водење на
медицинската евиденција, психоедукација на децата за ризикот од прекумерна употреба
на лекови за смирување и спиење, психоедукација на децата за ризик од предозирање по
постигната успешна апстиненција од дроги (опијати), обезбедување антидот за опијати и бензодијазепини, како и скрининг тестови за хепатитис Б и Ц и ХИВ, се наведива во Извештајот.

Во генералните препораки во Извештајот истакнато е дека е потребна соодветна примена на законската и подзаконската регулатива од страна на сите надлежни институции во областа на пенитенцијарниот систем, обезбедување соодветни и хумани материјални услови во сите
казненопоправни установи од страна на Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, обезбедување соодветен пристап до примарна и секундардна здравствена заштита од страна на Министерството за здравство, целосно организирање и финансирање на образовниот процес од страна на Министерството за образование во соработка со Управата за извршување на санкции, Министерството за правда и Воспитно-поправниот дом, обезбедување услови за имплементирање на програмите за ресоцијализација во сите казненопоправни установи, јакнење на капацитетите и професионалноста на вработениот персонал во казненопоправните установи, определување и одобрување доволен број на финансиски средства од страна на Министерството за финансии за потребата од непречено, соодветно и подобро функционирање на казненопоправните установи, како вработување нов кадар, унапредување на постоечкиот кадар, подобрување на материјалните услови, спроведување обуки итн.

Во Извештајот е посочено долготрајното решавање на проблемот со пренатрупаноста во
казненопоправните установи, како и подобрување на родовата застапеност во рамки на вработениот персонал во казненопоправните установи.

За целите на проектот е склучен Меморандум за соработка помеѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Управата за извршување на санкции.

Наодите во Извештајот, како што велат од Хелсиншкиот комитет, се базираат на спроведени посети од страна на мониторинг тимот кои за време на посетите изврши увид во просториите на казненопоправните установи и воспитно-поправната установа, обезбеди бесплатна правна помош и психијатриско советување на осуденички и осуденици, спроведе разговор со речиси сите директори на установите како и со вработените од редот на припадниците на затворската полиција, социјалните работници, психолозите, правниците итн.

Последователните теренски посети биле спроведени во четири казнено-поправни установи во кои биле забележани најголем број недостатоци за време на спроведување на редовните посети и тоа во КПД Идризово, КПД Штип, КПД Куманово и КПУ Тетово.

Facebook
Twitter
LinkedIn