Истрага против поранешни функционери во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“

JO-Ljubomir Lape
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Како што информираше обвинителот Љубомир Лапе на денешната прес-конференција, во рамките на истрагата до судија за претходна постапка се поднесени барања за претреси, одземање на имот поради идна конфискација, замрзнување на банкарски сметки и барање за притвор.


– По опсежно спроведена постапка КО.Бр.9/20, по прибавени докази по пат на меѓународна правна помош од пет странски држави, во текот на вчерашниот и денешниот ден, до судија за претходна постапка поднесени се повеќе барања за претреси и барање за привремено одземање на имот заради обезбедување, замрзнување банкарски сметки и удели како и предлози за определување мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство на осомничените. Во овој предмет во ОЈО ГОКК се спроведува истражна постапка против 15 физички и седум правни лица, меѓу кои освен македонски државјани има еден државјанин на Р. Италија и три италијански правни лица, поради основано сомнение за сторени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик, образложи обвинителот Лапе.

Врз основа на прибавените докази, како што дополни, произлегло основано сомнение дека од втората половина на 2007 година до крајот на 2013 година во Скопје, првоосомничениот, искористувајќи ја својата реална моќ како претседател на Влада на Република Македонија и претседател на политичка партија што тогаш била на власт, заедно со своите блиски владини и партиски соработници – заменик претседател на Влада и министер за финансии, државен секретар во Министерство за култура, а подоцна и министер, тогашен Претседател на Советот и советник во Општина Центар, градоначалник на Општина Центар и други лица се поврзал со цел остварување политичка и финансиска корист.

– Имено, под превезот на историското и државотворното значење на личностите за кои се подигнуваат споменици, осомничените започнале со реализација на проект познат во јавноста како „Скопје 2014“ за кој реално не постои писмен документ, одлука, проект или програма на надлежен државен орган. Преку Министерството за култура и третоосомничената се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици под изговор дека се работи за спомен обележја од локално значење за жителите на Општина Центар. Иако станувало збор за личности кои се од значење на државата, иницијативите за подигнување на споменици се поднесувале пред Советот на општина Центар и како резултат на тоа започнале и се спроведувале постапки за подигнување на меморијални споменици за кои единствено надлежно согласно закон е Собранието на Република Македонија, рече тој.

Со преземените дејствија, според ОЈО ГОКК, спротивно на член 11 од Законот за финансирање на ЕЛС, со владини одлуки, но без утврдена програма од Влада, преку прво и второ осомничените како овластени предлагачи на Буџетот на Република Македонија кои умислено планирале и предлагале предлог закони за донесување на Буџет на Република Македонија во кои се содржела однапред планирана неправилна распределба на средства, предлагале, донесувале и потпишувале незаконски владини одлуки со кои директно или преку Министерството за култура трансферирале средства во Општина Центар.

– На овој начин, заобиколувајќи го Собранието, осомничените обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000,00 денари (57.681.138,00 евра), рече Лапе.

Со цел да се прикаже дека тоа е проект на општината, а не на Владата, петтоосомничената, а подоцна и шестоосомничениот, како градоначалници на Општина Центар, умислено ги прифатиле однапред неправилно распределените финансиски средства. Парите од Министерството за култура и од Буџетот на Република Македонија без законски основ и без да отворат посебна наменска сметка ги примиле како капитални дотации.

– Од досега прибавените докази произлегува дека, петто и шесто осомничените како службени лица, градоначалници на Општина Центар, четвртоосомничениот како службено лице претседател на Советот на Општина Центар, поттикнати и помогнати од други лица, при вршење јавни набавки за изработка на споменици, сториле едно продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 3 и 1 в.в член 22 и член 45 од Kривичниот законик. Поточно, тие спровеле незаконити јавни набавки за изборот на леарница. При изборот прифатиле понуди со нереални цени од економски оператор кој самостојно не ги исполнувал условите, ниту имал комплетни понуди, а ги отфрлале сите останати. Во овие дејствија биле помогнати од осмоосомничениот италијански државјанин, кој им ги ставил на располагање неговите правни лица, преку кои во име на повеќе правни лица поднесувал однапред договорени понуди и потпишувал договори, иако знаел дека дел од нив воопшто немаат регистрирано дејност за леење или за обработка на мермер. Подоцна, изработката на спомениците со поддоговори ја пренесувал на сосема други леарници, но за многу пониски цени и лажно прикажувал дека изработката е од неговите правни лица, појасни тој, дополнувајќи дека со преземените дејствија осмоосомничениот како управител и сопственик и две правни лица од Р. Италија прибавиле за себе значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 16.136.150 евра.

Обвинителот, земајќи предвид дека ставот на обвинителството е да не се споделуваат имињата, не ги посочи истите, но, според нивните своевремени функции, станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е првоосомничен, второосомниочен е поранешниот вицепремиер и министер за финансии, Зоран Ставрески, поранершната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев, а меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.

Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, дел од „Скопје 2014“, а истрагата е отворена по 10 години.

Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Цар Самоил, Првото заседание на АСНОМ и лавовите, изработени од исто правно лице во Италија.

На прашањето колку време ќе се чека за обвинение, обвинителот одговори дека не знае бидејќи се чека на докази и од други странски држави.

Претходно, Министерството за внатрешни работи информираше дека полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал вчера во Скопје уапсиле пет лица за злоупотреба на службена должност и за перење пари.

– Вчера (29.06.2023) во попладневните часови и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик, информираа од МВР.

Меѓу уапсените, како што објавија дел од медиумите, се и сопственикот на „Тинекс“ и поранешен градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ и поранешниот функционер во истата Општина Владимир Здравев.

Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK