– Поведена е истрага против 45-годишен командир од тетовската касарна, кој минатиот месец, поттикнал 23-годишна колешка да побара поткуп од 3000 евра од колега за да стане офицер. Обвинителството бара судот да му одреди притвор на осомничениот.
Основното јавно обвинителство Скопје известува дека донело наредба за спроведување истражна постапка против 45-годишен жител на Тетово, вработен во Министерство за одбрана како командир во тетовска касарна, бидејќи постои основано сомнение дека поттикнувал кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 став 1 во врска со член 23 од Кривичниот законик.
– Осомничениот, на 18 и 19 мај во Скопје, со умисла поттикнал една осомничена -професионален војник во Армијата на РСМ, директно да побара и да прими парични средства во износ од 3.000 – 4.000 евра, од еден оштетен за да изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. За таа осомничена, обвинителството веќе поведе постапка (https://jorm.gov.mk/profesionalen-vojnik-pod-istraga-za-primane-potkup/), а во текот на истрагата обезбеди докази кои даваат основано сомнение за поттикнувачот, известува ЈО.
Таа, сакајќи да му помогне на нејзин колега – кандидат на конкурс за прием на офицери, го контактирала сега осомничениот, а тој и кажал дека ако сака оштетениот да биде избран, тој ќе треба да плати 3.000 евра.
– Се договориле паричните средства оштетениот да и ги предаде на осомничената, а таа да му ги предаде на командирот од Тетово. При примопредавање на средствата, осомничената беше затекната и лишена од слобода, соопштуваат од ЈО.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор и за осомничениот за кого денеска беше отворена истрага.