Интервју на Владимир Ѓорѓевски, претставникот на RYCO, за Опсервер: RYCO е активно вклучен во сите важни политички процеси за младите во Македонија и во регионот


Младите имаат моќ да креираат позитивни промени бидејќи се ослободени од секакви притисоци, не трпат авторитети и размислуваат прогресивно – Владимир Ѓорѓевски


 

Секогаш е задоволство да се говори со млади и перспективни Македонци, вклучени во процесите за развој на државата и со директна поддршка на младите луѓе во неа, но и надвор од неа. Опсервер разговараше со Владимир Ѓорѓевски, младински претставник во Управниот Одбор на RYCO. Тој од волонтер во граѓански организации, прерасна во проектен координатор и тренер, но и ко/основач на НВО, се’ до младински претставник на RYCO. Зголемување на младинското учество, соработка и подобрување на политичката клима во регионот и земјите членки, се главниот фокус на RYCO, па затоа инсистираат да се активно вклучени во сите политички процеси кои се важни за младите. Моментално, нивните 4 најголеми проекти се ко-финансирани од EU, UN, МНР на Норвешка, и Француската Агенција за соработка со кои RYCO работи. За средношколците и студентите, прочитајте за тоа што е RYCO, како да бидете дел од проектите, како да се вклучите во тренинзите и да бидете граѓански активист. А, за останатите наши почитувани читатели ви нудиме одлично интервју со многу информации за тоа каде и како може една организација да ја насочи младината за нејзин развој. Влогот во младите е влог во иднината.

Кој е Владимир Ѓорѓевски и која е твојата улога во RYCO?

Владимир е младински работник, кој израсна во граѓанска организација (Центар за Едукација и Развој- ЦЕД, Теарце). На почетоците бев вклучен како учесник во активности и волонтер, а сега во 11тата година откако сум вклучен во организацијата извршувам активности како проектен координатор и тренер. Воглавно имплементираме образовни, младински и интернационални проекти, со фокус на Еразмус+ програмата. Неколку години сум дел од тимот на тренери во Националниот Младински Совет на Македонија. Исто така од 2019та сум ко/основач и претседател на невладината организација за образование и одржлив развој БРАЈТ во Скопје, која има посебен фокус на младите како таргет група и одржливиот развој. Од март 2018та година, јас сум избран за младински претставник на Република Северна Македонија во Управниот Одбор на RYCO, кој е составен од 12 членови. Во Управниот Одбор од секоја држава членка (Република Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија) членуваат по еден младински претставник (кој е избран по демократски пат со гласање од страна на младинските организации) и по еден институционален претставник (кој е назначен според функцијата која ја извршува т.е. институцијата која што е задолжена за младински прашања и политики- кај нас тој член е Директорот на Агенцијата за млади и спорт). Мојата улога таму е секогаш да ги застапувам реалните интереси и потреби на младите од Македонија и регионот и да работам на тоа RYCO да ги имплементира истите потреби во стратегии, планови, програми и активности на терен. За тоа да го постигнам треба да бидам во честа комуникација со младите и младинските организации, што доаѓа природно за мене, бидејќи секако и поради мојата работа сум во постојан контакт со млади и младински организации од земјата и регионот. Дополнително ја поддржувам локалната канцеларија во консултативните и информативните состаноци со младите, младинските организации и средните училишта, а и помагам во промоција и вмрежување на организацијата. Бидејќи RYCO има голем број на проекти, вработени кои извршуваат активности и поддршка на младинскиот сектор, оваа функција иако е волонтерска е особено важна за RYCO, бидејќи на крајот Управниот Одбор одлучува во кој правец да се развива и како да работи организацијата.

Која е улогата на RYCO во развојот на Македонија?

RYCO e креирана да креира култура на мобилност, интеркултурни размени и помирување. Да креира поголем простор за младите да бидат активни креатори на демократскиот развој, социјален и економски просперитет и Европска интеграција во се повеќе отворен регион на Западен Балкан. Програмите на RYCO креираат нови можности за младите во регионот да се вклучат во активности кои креираат меѓусебно разбирање и помирување, иницираат реформи и подобрувања во политиките и лобираат за поголема вклученост на младите. Ова се работи на подеднаков начин во сите 6 држави членки, така што Македонија како еднаков партнер во RYCO ги ужива сите бенефити од функционирањето на канцеларијата. Се имплементираат многу регионални проекти, програми и активности кои директно им помагаат и нудат можности на младите луѓе, младинските работници и наставниците регионално да соработуваат, да ги изградат своите капацитети, да патуваат, да се дружат и креираат пријателства со луѓе од сите култури во регионот и да научат многу работи. Бидејќи RYCO генерално работи на зголемување на младинското учество, соработката и подобрување на политичката клима во регионот и земјите членки, ние  ние инсистираме да сме активно вклучени во сите (политички) процеси кои се битни за младите и сме активно вклучени во многу од нив, особено во Македонија.

Што значи соработката на младите од регионот во RYCO?

Тоа значи нови иницијативи, програми и активности во кој младинското учество, соработката, помирувањето и интеркултуралноста се пред се’. Мотото на RYCO e “Подобар регион започнува со младите” и затоа ние веруваме и работиме да им овозможиме подобар и попросперитетен регион на младите во кои тие ќе имаат многу повеќе можности да соработуваат.
Покрај младинските проекти и размени кои се имплементираат дури и во време на пандемија (online) и за кои како еден од условите за добивање е да се има минимум 1 партнер од друга држава, имплементираме тренинзи за млади од страна на млади, иницираме соработка со младите пратеници, волонтерски програми во регионот, платформи за учење и младински можности итн. Како младински претставници во УО на RYCO ние соработуваме на дневна основа, ја анализираме состојбата со младите во регионот, пишуваме препораки до институциите за подобрување на младинското учество, образованието и соработката во регионот, иницираме дополнителни програми и проекти за младинска соработка и работиме на подобра политичка клима во регионот. Преку директната поддршка на организациите и средните училишта да добијат грантови за имплементација на регионални младински размени и тренизни, тие заеднички учат со млади и професори од други националности и култури, се стекнуваат и имплементираат добри практики од регионот и Европа и пред се креираат долгорочни пријателства во кои тука соработката само започнува. Оваа соработка на крајот значи дека наместо омраза, стереотипи и предрасуди помеѓу младите во регионот ние со нашата работа иницираме запознавање, соработка, дружење, блиски пријателства и љубов. Тоа придонесува Балканот да се промени во модерно и Европско место за живеење.

Кои се предизвиците со кои што се соочуваат младите во земјава и што RYCO прави во врска со нивно решавање или намалување?

Предизвиците се многубројни и постојани. Ниско ниво на младинско учество, мала регионална соработка, национална нетрпеливост, висока недоверба во институциите, недоволни можности за развој и квалитетно образование итн. RYCO пред да започне да имплементира програми и активности пред се директно и постојано се консултира со младите и сите кои работат со млади за детално да се запознае со проблемите и според тоа да ги креира приоритетите и активностите. Тоа е и мојата задача и задачата на советодавниот одбор, да ги застапуваме младите и нивните потреби. Потоа ние имаме неколку навистина големи регионални програми за помирување, волонтерство, социјално претприемништво… а се спремаат и нови. Дополнително до сега имавме 4 отворени повици за регионални младински проекти (и продолжуваме) за средни училишта и младински организации во кој на база на аплицирање им даваме шанса и бараме тие да ни помогнат во нашата мисија и подобрување на состојбата на младите.

Колку често младите допираат до тебе за информации или учество на проекти? Дали е лесно за еден млад човек да дознае за RYCO? На кој начин се одвива комуникацијата?

Бидејќи работам со млади и младински работници на дневна основа, постојано сум во контакт со младите и се трудам редовно да споделувам информации за повици за учество на проекти до нив. Информациите за можности за младите често знам да ги споделувам и на моите лични социјални профили, но и на многу Facebook групи со голем број на млади луѓе како што е групата “Обуки,семинари,тренинзи,размени” (линк до неа: https://www.facebook.com/groups/289288607864840 ) и веб страни за младински можности како што е www.mladi.mk. RYCO е присутна и постојано активна на сите социјални мрежи, како и на својата веб страна www.rycowb.org каде што се споделуваат сите повици и новости.

За сите отворени повици за аплицирање за грантови за проекти имаме отворени информативни сесии каде што ги повикуваме сите младински организации и училишта да се присутни. Често правиме консултативни средби со младински работници и млади од младински организации, студенти и средношколци во многу места низ државата и онлајн. Претставниците на младинските организации и мрежи на организации особено ги сметаме за пријатели на RYCO, често ги консултираме и им даваме можност директно да ни помогнат во креирањето на стратегии, планови и повици.  Дополнително со поддршка на донаторите имплементираме и онлајн информативни кампањи и дискусии каде што ги информираме младите за мисијата, работата и можностите на RYCO и како да се вклучат. Така да, како организација сме секогаш отворени за сите млади луѓе за информирање, консултации, сугестии и соработка, и јас лично сум секогаш отворен за сугестии, критики и идеи.

На какви проекти работи RYCO? Што е сега во тек и што да очекуваме?

Дури и за време на пандемијата со COVID- 19, RYCO работи во полна брзина. Донесовме одлука за можност да се имплементираат младинските размени онлајн за време на пандемијата и секретаријатот е во постојана помош на организациите и училиштата за оваа нова трансформација, со цел нивна најефективна имплементација. Дополнително RYCO  заедно со своите интернационални партнери и поддржувачи имплементира неколку големи, сериозни и иновативни регионални проекти и тоа:

  • Проект за регионално младинско волонтирање “ROUTE WB6 кој работи на подобрување на легислативите, законите и можностите за младинско регионално волонтирање, финансирање на проекти за индивидуални и групни волонтирања во Западен Балкан, како и едукација и јакнење на капацитетите на организациите да работат со млади волонтери.
  • Проектот “RISE” работи на подобрување на еко системот за социјално претприемништво, помош и поддршка на млади претприемачи, обуки, менторство и финансирање на проекти за отворање на нови социјални претпријатија
  • Преку проектот “Enhancing Youth Cooperation and Youth Exchange in the WB6” се работи на подобрување на климата, условите и можностите за младите да патуваат, соработуваат и го запознаат регионот преку нови младински размени. Исто така се работи и на свесноста и информираноста за можностите за младинско учество низ целиот регион и на зајакнување на капацитетите на младинските организации и средните училишта за спроведување на регионални проекти за мобилност на младите
  • Проектот “Building Capacity and Momentum for RYCO ја промовира работата на RYCO, и ја поддржува во градењето на неговите институционални капацитети и партнерства со граѓанското општество, средните училишта, младинските организации и младите воопшто. Активностите на проектот ја зајакнуваат RYCO како регионален механизам со мандат да промовира помирување, мобилност, разновидност, демократски вредности, младинско учество, активно граѓанство и интеркултурно учење. Преку овој проект се креираат прирачници за наставници и млади, онлајн училница, студиски посети на наставници и иницијативи за вмрежување, се вклучуваат над 300 млади (особено млади со помали можности) и се имплементираат минимум 12 младински иницијативи на терен.

Овие 4 најголеми проекти се ко-финансирани од EU, UN, МНР на Норвешка, и Француската Агенција за соработка со кои RYCO работи моментално. Дополнително имаме уште неколку проекти и активности кои се работат со Владата на Република Германија (медиумска промоција), Француско- Германската канцеларија за младинска соработка (имплементирање на нивните добри практики) , OSCE (тренинзи за проектен менаџмент, состаноци на УО, тренинзи на младинските претставници во УО) , PeaceNexus (Градење на капацитетите на секретаријатот и креирање на правила и процедури) итн.

Моментално се финализира голем проект за размени и градење на капацитети на средните стручни училишта. RYCO дополнително поддржува локални проекти, иницијативи и активности кои вклучуваат млади и работат на слични теми и мисии како нашата. Дополнително локалните канцеларии се вклучени како партнер во многу политички и демократски процеси кои се битни за младите, младинското учество, помирувањето и интеркултурата.

 

Кој е твојот најголем мотив за работа на овие полиња?

Јас израснав во средина и регион со луѓе од разни националности, религии и култури. Таа средина за жал сеуште е далеку од тоа да стане интеркултурна и сеуште гледаме поделеност по секоја основа. Несомнено, воениот конфликт во 2001ва год. остави големи рани на многу луѓе, особено на  оние кои имаат изгубено родители, роднини и пријатели или живеат во тие средини каде се одвиваа воените дејствија. Јас доаѓам од таков регион, но бев меѓу првите млади кои се вратија назад и се вклучив во активностите и работата на младинска организација која уште од своето основање е интеркултурна и ги вклучува сите заинтересирани,  без разлика на нивната припадност. Мојата вклученост и работа во интеркултурна организација ми овозможи да ги надминам сите предрасуди и стереотипи за луѓето од друга национална, верска или каква било припадност, да креирам многу пријателства и да патувам на многу места низ Европа и светот кои се многу повеќе интеркултурни и поразвиени од тука.
Во 2015та добив стипендија да студирам младинска работа во фодацијата Песталоци во Швајцарија. Таму, студирајќи и воедно жевеејќи со колеги од 4 континенти и 7 држави, и учејќи од професори кои доаѓаат и имаат работено во целиот свет научив многу за младинската работа, интеркултуралноста, помирувањето и соработката и воедно ми се отворија видиците и прошири размислувањето. Преку тие студии започнав да имплементирам тренинзи, младински размени и стратегиски партнерства во Македонија и низ цела Европа, односно да го имплементирам она што го научив, често и во соработка со моите професори. Во сите мои работни ангажмани увидов дека другите поразвиени региони немаат некои особено повеќе ресурси или способности, но повеќе соработуваат и им даваат поголеми можности на младите и затоа успеваат. Па уште од кога се презентираше идејата за RYCO, истата ја поддржав и се вклучив во работната група за имплементација на процесите.
Искрено верувам дека само вакви искрени процеси во кои сите соработуваат и креираат можности ќе ја врати вербата на младите да ја гледаат својата иднина тука.

Се гледаш ли себеси еден ден во дел од високите политичките структури на Македонија?

Секогаш сум верувал дека за да се влијае позитивно во општеството и да се креираат позитивни промени, не мора да се има политичка или било каква друга функција. Младите особено ја имаат таа моќ, бидејќи тие се ослободени од секакви притисоци, не трпат авторитети и размислуваат прогресивно. Историски тоа се случувало и кај нас преку студенскиот пленум, шарената револуција и унијата на средношколци. Поради овие причини сум бил дел од разни младински движења, групи, организации и мрежи на организации. Иако секогаш постоела можноста да се вклучам и во политички структури и институции, немам направено таков чекор поради потребата да останам независен и самостојно да одлучувам, да работам со сите млади и подеднакво да ги застапувам. Но, особено како  младински претставник во УО на RYCO, ја согледувам потребата од квалитетни луѓе во политичките структури и институциите, пред се да ги спроведат сите оние препораки и да ги решаваат потребите на младите кои се во огромен број. Така да во иднина не би ја исклучил сосема и таа можност, се разбира доколку преку неа имам одврзани раце и можност да носам одлуки кои се базирани на вистинските потреби и/ или помогнам истите да се спроведат на терен.

Во што најмногу веруваш дека ќе се подобри во нашиот систем?

Преку RYCO покажавме дека ко-менаџмент системот на кои е базирана организацијата, не само што е успешен модел на функционирање, туку е една од најдобрите работи кои му се случиле на регионот. Ако ние како младински претставници, заедно со институционални претставници од целиот регион можеме добро да функционираме и се развиваме, зошто тоа да не го можат и многу други институции и организации, особено оние кои работат со млади. Јас верувам дека овој ко- менаџмент модел на функционирање во иднина ќе го аплицираат и сите општини, министерства, фондации и организации, особено во делот за младински прашања, политики и теми од интерес на младите. Исто така верувам дека конечно ќе се променат наративите, вредностите и свесноста дека секогаш треба да се ценат и ставаат на пиедесталот компетенциите и потенцијалот на луѓето пред нивната припадност. И верувам дека регионалната соработка постојано ќе се интензивира, ќе се отворат границите и ќе има слободен и брз проток на луѓе и стока и се повеќе ќе се аплицираат и шират добри идеи и успешни приказни.

Која е твојата порака до младите читатели на Опсервер, но и за оние искусните кои што ги имаат конците во рака за да ги променат работите на подобро?

На младите би им порачал да бидат секогаш со отворен ум, да не расудуваат прерано, да бидат заинтересирани и максимално да ги искористат можностите за нивен личен и професионален развој и соработка. Да не се плашат да ги кажат работите такви какви што се, да бидат бунтовни и да бараат повеќе и подобри можности, и никогаш да не се откажуваат. Да креираат пријателства и партнерства особено со луѓе од други региони и друга припадност. Да патуваат, да истражуваат и да ги искористат сите можностите кои им се нудат. И да не се плашат да се вклучат во политичките процеси, особено во оние во кои имаат шанса да ги променат работите на подобро, но да внимаваат и никогаш да не дозволат да бида т изманипулирани или да бидат само декор на масата.

На повозрасните ќе им порачам дека младите не се само иднината, туку и сегашноста. А за тоа каква иднина ќе креираме, зависи најмногу од тоа што правиме во сегашноста. Да не ги штедат своите деца, туку да ги мотивираат и им помогнат да бидат проактивни, ги користат можностите кои им се нудат и влијаат во креирањето на позитивни промени во општеството. На оние кои ги имаат конците во рака им порачувам да ги читаат извештаите и препораките кои ги истражуваат потребите, предизвиците и желбите на младите и да постапуваат по нив. Да отстапат повеќе места во одлучувачките позиции за младите и искрено да соработуваат со младите. Бидејќи на крајот ова е од заеднички интерес и за нив и за целокупниот развој на општеството. Подобар регион започнува со младите, но тој се гради заеднички преку искрена соработка на сите инволвирани.