Интервју на Марија од CRUX за Опсервер: Пандемијата не нѐ спречи, нашиот мал бизнис е многу поддржан од заедницата!


Влијанието на пандемијата во најголема мера е негативно, но од бизнис аспект би се согласиле дека токму овие новонастанати услови ги променија навиките и однесувањето на поединци, и истите сфатија дека со поддржувањето на малите локални бизниси пред се’ помагаат во исполнувањето на нечиј сон, а со тоа и придонесуваат во домашната економија и истовремено спречуваат испуштање на CO2 емисии поради тоа што овие производи не треба да се транспортираат на големи далечини – Марија Николова


 

Ние од Опсервер, секогаш сме среќни и горди кога имаме можност да разговараме со млади и амбициозни претприемачи кои што го менуваат светот околу нив. Една од нив е и Марија Николова, девојка која што плени со својата позитивна енергија и блескав поглед на животот. За неа не постои зборот „не“. Кога е најтешко – се бори повеќе, затоа што знае дека на крајот од тунелот секогаш има светло. За неа, тоа светло е нејзиниот мал бизнис, наречен CRUX. Иако пандемијата се закани неколку пати по опстанокот на CRUX, Марија ја заврти страницата и продолжи во насока која што се покажа успешна и го спаси бизнисот кој што го започна со голема желба.

Во продолжение, прочитајте го интервјуто на Опсервер со Марија, прочитајте кој е вкусот на CRUX, а за да го дознаете каков е, отворете го нивниот Инстаграм профил и направете си порачка од вкусните теглички со путер од кикирики и лешник кои се 100% природни и здрави за целото семејство.

  • Марија, CRUX е млад стартап и досега има постигнато задоволителен успех на пазарот. Како млада и амбициозна девојка, може ли да ни го споделиш твоето искуство во реализацијата на CRUX, колку е тешко да се реализира една идеја во бизнис?

Најважно од се’ е да бидете подготвени да се борите со предизвиците без премногу да размислувате. Речиси секој од нас во одреден период од својот живот посакал да започне со сопствен бизнис но во таа намера неретко се случува да бидеме спречени поради недостаток на финансии, локација, бизнис план и сл. Ама колку и да звучи клише најважно од се е да имате храброст. Кога имате јасна визија и цел и за истата превземате храбри чекори- ништо не е тешко, секогаш ќе најдете начин.

  • Што произведува CRUX? Во што е неговата оригиналност?

Како што веќе споменав, CRUX премина во бренд кој моментално произведува 100% природни путери од кикирики и лешници. Станува збор за производи кои се со висока енергетска и хранлива вредност и одличен извор на материи значајни за нашето здравје. Превкусни се, и лесно се комбинираат, а за ова секојдневен доказ ни се се’ поголемиот број на нашите лојални потрошувачи.

  • Која е магијата на природните путери од кикирики и лешници?

Уфф за ова ќе ни треба посебна статија :)) Но во една реченица би било: многубројните здравствени придобивки од само една лажица путер на ден, во комбинации кои не сте ги ни замислувале и вкус кој не е тешко да се долови со зборови.

  • Што значи CRUX во стартап светот на бизнисот?

CRUX е огромна заедничка желба на неколку млади луѓе за започнување на нешто свое, градење на бренд препознатлив пред се’ по својата општествена одговорност. Приказната ја започнавме со отварање на бар за здрава храна, што беше прв чекор кон доближување на луѓето до нашата филозофија- а тоа е поздрав начин на живот во ова динамично време. За жал, пандемијата со своето влијание не не одмина, и како еден од најпогодените сектори- угостителството, се најдовме на раскрсница.

Сепак, ова не беше причина за да се откажеме од крајната цел. Па така, нашето делување го продолживме со производство на путери од кикирики и лешници, без додатоци, нудејќи комплетно природен и здрав производ.

  • Дали се потребни дополнителни обуки или образование за успешен бизнис во Македонија?

Би рекла дека учењето е секојдневно при водење на бизнис, а особено кога сте на почеток и буквално се’ е на вас. Кога сте мал бизнис, микро компанија, за жал не секогаш сте во можност да вработите или ангажирате други луѓе од старт па со најголемиот дел од обврските мора сами да се справувате. А во денешно време, промените се со една таква динамика што мора да сте секогаш спремни да се прилагодите. Зависно од производот или услугите што ги нудите, односно дејноста на вашиот бизнис, сами ќе процените дали ви е потребна можеби некоја плус обука, но клучни се познавањата од финансии и маркетинг за било кој бизнис. Мој совет е секогаш да бидете љубопитни, да прашувате па дури и да споделувате “проблеми”, затоа што не знаете од каде може да дојде помошта која вас во тој момент ви е најпотребна.

  • Кои се најголемите пречки при започнувањето на бизнис и понатамошниот развој според искуството на CRUX?

Според нашето искуство, не би рекла пречка, но нешто што дефинитивно го успорува процесот е да ја средите целата потребна документација, што сметам дека не би требало да биде доколку ние луѓето сме малку поорганизирани и ја превземаме одговорност за работата што ја вршиме. Се’ друго е релативно, мора само да бидете истрајни.

  • Колку се цени малиот бизнис кај нас?

Од изминатата година би можела да потврдам, многу. И преблагодарни и пресреќни сме што е така. Влијанието на пандемијата во најголема мера е негативно, но од бизнис аспект би се согласиле дека токму овие новонастанати услови ги променија навиките и однесувањето на поединци, и истите сфатија дека со поддржувањето на малите локални бизниси пред се’ помагаат во исполнувањето на нечиј сон а со тоа и придонесуваат во домашната економија и истовремено спречуваат испуштање на CO2 емисии поради тоа што овие производи не треба да се транспортираат на големи далечини. Би сакала да го искористам моментов за да им се заблагдарам на сите оние кои не’ поддржуваат не само нас туку и другите мали бизниси кои ги има се’ повеќе. Затоа што навистина неверојатни работи се случуваат кога се поддржуваме едни со други.

  • Кои се плановите на CRUX за 2021-ва година?

Проширување на палетата на производи, со природни путерчиња од јаткасти плодови, зголемување на капацитет и одржливо производство кое можеби ќе ја почека 2022 година за имплементација :))