Интервју на Исени за Опсервер: Поради пандемијата, Македонија бележи пад на извозот и увозот


Нашата комора до сега доставила до Владата и институциите над 80 предлози за сите 5 пакети анти-кризни мерки. Многу е важно Владата да соработува со бизнис заедницата бидејќи тие ги познаваат реалните проблеми на економијата и затоа сметаме дека треба да се помогнаат сите тие сектори кои се столбови на нашата економија, но кои се уште трпаат тешки загуби. Заживувањето на економијата може да се случи и преку олеснувањата за инвестиции кои Владата со своите механизми може да ги донесе – Дрилон Исени


 

Во време кога сите очи се вперени во економијата и нејзиниот развој, Опсервер разговараше со Дрилон Исени, извршен директор во Стопанската комора на северо-западна Македонија за актуелните случувања во државата и улогата на Комората во општеството. Исени е  магистер на Меѓународно право во Универзитетот на Амстердам, а во СКСЗМ управува со Извршната канцеларија и другите сектори во комората. Тој во интервјуто за Опсервер зборува за улогата на СКСЗМ во времето на пандемија, нивните предлози за подобрување на економската бизнис клима и помагањето на бизнисите да ги поминат премрежјата предизвикани од пандемијата.

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) е основана во Тетово во 2005 година со 122 члена, за до 2020 година да брои над 2000 членки – компании од различни сектори и од сите региони во земјата. Која е предноста на компаниите кои што се членки во СКСЗМ?

Основањето на нашата комора и нејзините почетоци во 2005 година беа несомнено предизвик, но истовремено и голема надеж за сите бизниси кои дејствуваа главно во северо-западниот регион, а подоцна дејноста на СКСЗМ се прошири и во сите други региони на земјата, правејќи ја важен фактор во економски и социјален развој на државата. СКСЗМ се појави на сцената поради потребите на бизнис заедницата во тоа време, кога еден број на значителни компании и интелектуалци, решија да ги институционализираат своите идеи и ставови во врска со бизнис климата во земјата. Имајќи предвид дека основачите на нашата комора, беа сопственици на компании кои своите бизниси ги изградија од темел, без никаква поддршка или наследство од државните асети ниту приватизирале компании од државна сопственост, тоа беше голема причина за да се вклучаат во нашите структури. Нашето етаблирање, брзо беше прифатено  од бизнис заедницата, особено од тие кои немаа каде да ги артикулираат своите барања наспроти различните државните институции кои претставија пречка за развојот на нивните компании. Денес, нашето членство е составено од компании кои се дел од сите сектори и категории, кои активно учествуваат во работата на комората, со цел да се подобри социо-економската перспектива на земјата. Со еден збор, да се биде членка на комората значи да добивате точни и временски информации, пренесување на барањата преку лобирање и застапување, и принципиелен и критичен пристап кон владините институции.

Македонија не доби датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ во 2020 година, но стана рамноправна членка на НАТО. Како влијаеја овие два важни државни настани на деловното опкружување, како и на климата за инвестирање на локалните компании и можностите за привлекување на директни странски инвестиции?

Членството во ЕУ е сложен процес кој сам по себе вклучува голем број  реформи поврзани со државата и јавната администрација, деловните субјекти и институциите кон исполнување на условите. Освен институционалните реформи, ние треба да работиме повеќе кон градење на европски вредности како наша потреба, и истите да бидат во склоп за нашата заедничка цел – членството во ЕУ, тоа е макотрпен процес, но мора да се истера до крај. Само членство значи дека сме дел од еден голем екосистем каде што правилата, економијата и либералните вредности се она врз кое ние треба да ги темелиме нашите правила и систем на владеење.  Секако, фактот што не добивме датум за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ дејствуваше негативно, особено во аспект на демотивација на бизнис заедницата, но и на граѓаните, но животот продолжува понатаму. Правилното спроведување на законите како предуслов за владеење на правото, формализирање на неформалната економија, човечкиот капитал како и претприемништвото се наши стратешки определби во новата стратегија 2020-2023. Овие стратешки цели се подигнати врз аргументот дека ние како земја иднината ја имаме насочена кон Европската Унија, и токму преку реформи во институциите, поттикнување на претприемништвото, но и адаптирање на европскиот менталитет, ќе ја постигнеме таа цел. Зачленувањето во НАТО како процес даде плод, особено во периодот кога преговорите беа во тек, а ние како земја ја добивме поканата за почнување на пристапните преговори. Доколку ја анлизираме економијата од тој период, во 2018 година, во нашата земја се забележа еден експоненцијален раст на странските директни инвестиции, каде кумулативно во 2018 и 2019 имавме пораст на истите за дури 4 пати. Но, 2020 каде што освен првиот квартал во кој имавме позитивен биланс на инвестиции, во вториот и во третиот квартал имавме негативен биланс на странски инвестиции од околу 20 милиони евра. Секако дека овој негативен тренд на СДИ се должи на многу фактори како што се првично кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19 која предизвика несигурност кај компаниите поради неизвесноста на исходот и протокот на пандемијата, и како резултат на тоа дојдено е до намалување на ре-инвестирање на добивката на постоечките компании, но тоа секако дека влијаеше и кон другите потенцијални инвеститори. Сепак, во 2018 имаме највисоки СДИ во последните 18 години, и зачленувањето во НАТО сигурно дека ќе има влијание врз економијата, но сметаме дека во нашата земја ќе треба да се работи во правец на владењето на законот, правната држава, независни институции и независно судство, како предуслов за подобрување на бизнис климата. Треба да се има во предвид, дека приоритет треба да биде домашната економија и бизнисот, зголемување на производството, бидејќи понекогаш странските инвестиции знаат и да имаат негативен ефект врз домашните компании. Фокусот на државата треба да биде кон креирањето на услови за зголемување на конкурентноста на домашните компании со цел да можаат да опстојаат и покрај силната конкуренција во домашниот пазар.

Пандемијата од КОВИД-19 силно ја погоди светската економија и направи значителни промени во деловното однесување и раководење. Како се одрази економската криза во Македонија според вашите истражувања? Што предвидувате за 2021 година и кои се чекорите со кои би можеле да се надмине кризата?

Кризата настаната поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19, е случај без преседан кој го опфати светот нанесувајќи најголема економска криза како за економијата во глабала така и во рамки на државните економии. Освен големите импликации по здравјето на луѓето, и економијата претрпе големи штети кои ќе треба да се поправаат за еден подолг период во идните години. БДП-то во Европска унија во 2020 забележа рекорден пад од -7,4%, а и просекот на невработенеоста се зголеми на 7,5%. Ние како почуствителна економија, секако дека бевме под влијание на тие промени кои се одвиваа во ЕУ и фокусот го свртевме кон тоа како да ја изменаџираме оваа криза иако, од постоењето на нашата држава, не сме се соочиле со слична криза предизвикана од пандемијава.

Несомнено, здравјето и економскиот аспект на граѓаните во 21-виот век се симетрични во важност. Ние како комора сме првите кои изјавивме дека Владата треба да биде поефикасна во процесот на имунизација и вакцинацијата на граѓаните. Важно е да се елиминират бариерите кои оваа пандемија ги постави,  но и да се работи за брзо враќање на позициите кои ги имавме во однос на домашниот,  и странските пазари.

Поради пандемијата, нашата земја во периодот јануари – декември 2020 бележи пад на извозот од дури 9,8% или над 640 милиони евра во однос на истиот период во 2019 година. Слична ситуација е и кај бројките на увозот каде имаме пад од -9,7% во однос на истиот период. Дури 560 милиони евра помалку сме извезувале во 27 земји членки на Европската Унија, а околку 100 милиони евра кон земјите од западниот Балкан.

Од многуте други импликации кои нашата земја ги претрпе, секако дека е и големиот број на затворени компании, новите невработени кои ја надминуваат бројката од 40,000 илјади, и очекувано е дека во периодот пост ковид ќе има и други последици, бидејќи невработеноста е една од причините поради која младите ја напуштаат земјата, и тој флукс на миграција е намален поради рестрикциите за патување кон по развиените земји.

Доколку нема да има нов силен бран на пандемијата, сметаме дека 2021 ќе биде подобра од 2020 година, но тоа е само поради фактот што во минатата година се соочивме со многу рестриктивни мерки кои силно ја погодија економијата.

Владата го донесе петтиот сет на кризни мерки за 2021 година. Имавте ли вие поднесено барања до Владата и кои се приоритетите според Вас?

Уште од првиот пакет мерки, ние како Комора имавме стратешки пристап кога ги креиравме предлозите за истите. Секако дека врз анализи и активна комуникација со членството и другите компании, дојдовме до заклучок дека на компаниите во тој тежок период им беа потребни две витални сегменти, а тоа се финанциската ликвидност и зачувувањето на работните места. Нашата комора до сега доставила до владата и институциите над 80 предлози за сите 5 пакети анти кризни мерки. Многу е важно владата да соработува со бизнис заедницата бидејќи тие ги познаваат реалните проблеми на економијата и затоа сметаме дека треба да се помогнаат сите тие сектори кои се столбови на нашата економија, но кои се уште трпаат тешки загуби. Заживувањето на економијата може да се случи и преку олеснувањата за инвестиции кои Владата со своите механизми може да ги донесе. Нашите членки во неколку градови и општини во Скопје, имаат инвестициони проекти кои достигнуваат вредност од над 500 милиони евра, и тоа се средства кои се многу значајни за една мала економија како нашата. Затоа, во петиот пакет мерки ние побаравме да се поништат одлуките за укинување и мораториум на Деталните Урбанистички Планови во општините со цел да се деблокира овој процес на инвестиции и проток на пари во нашиот економски пазар.

Како извршен директор на СКСЗМ, која беше Вашата улога во последните 12 месеци на пандемијата?

Нашата институција во принцип секогаш е во првата линија на фронтот кога станува збор за помагање на бизнисот и економскиот екосистем на земјата. Фактот што релевантноста на нашата институција доаѓа од една силна структура на членство, но и од квалификуваниот кадар во извршната канцеларија, претставува и голема одговорност која јас како извршен директор ја носам на моите рамена. Во почетоците на пандемијата, од клучно значење беше одржувањето на комуникацијата помеѓу членството и извршната канцеларија, пред се’ преку протокот на точни и навремени информации. Новите околности „работеа„ против тој систематизиран процес на комуникација, а во кризни моменти во кои неизвесноста е голема, за компаниите е витално да бидаат информирани на време.

Несомнено ситуацијата во која се наоѓавме претставуваше предизвик бидејќи токму во тие тешки моменти бизнисите имаа потреба од нашата помош, и токму изнаоѓањето на формулата како да продолжиме со истото темпо, беше потешкиот дел за мене како управител на оваа институција.

Собирање и обработување на информации од институциите, но и од бизнисот, како процес беше многу тежок, но на крај се исплати. Во првите 3 месеци од пандемијата дури над 4 илјади компании не’ исконтактирале за информации и помош, а тоа бројка многу се зголеми во останатиот период.

Кога сте извршен директор во една голема организација како нашата Комора, секако дека има многу предизвици и обврски и сум благодарен на управниот одбор и моите соработници кои покажаа професионалност, но пред се’ желба и неуморност да помагаат и придонесат во процесот на помагање на бизнисите пред се“ и економијата општо. За мене најголемо задоволство претставува фактот што и покрај многуте искушенија и предизвици, успеав да го продолжам успешниот циклус на работата на СКСЗМ, докажувајќи дека со професионалност, посветеност и меѓусебна соработка и најтешките кризи може да се надминаат.