ИЈЗ: Намалување на бројот на смртни случаи и процентот на позитивни од тестирани, зголемен број на оздравени лица


Според податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 4 до 10 јануари, вкупно 13.022 материјали се тестирани во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е зголемување од 20,8 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.



Регистрирани се 2.471 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, што е зголемување од 6,1 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.140; 46,1 отсто), а највисока неделна инциденца од 307,6/100.000 е регистрирана во Берово. Процентот на позитивни од тестирани во споменатиот период изнесува 19 отсто.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=622, 25,2 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години (n=470; 19 отсто), од 50 до 59 (n=455; 18,4 отсто), од 30 до 39 (n=455; 18,4 отсто) и од 20 до 29 години (n=330; 13,4 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=39; 1,6 отсто) и од 10 до 19 години (n=100; 4 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.460 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 14,8 отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Во периодот на известување, пријавени се 74 смртни случаи од 24 града, со намалување од 20,4 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 64 лицa биле на возраст над 60 години, седум лица на возраст од 50 до 59 години и три лица на возраст од 40 до 49 години.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 4 до 10 јануари, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.