Граѓаните недоволно се запознаени за постоењето на бројот за итни повици. Почнувајќи од февруари минатата година во рамки на Центарот за управување со кризи активен е Единствениот повикувачки број за итни повици 112 на кој што граѓаните можат да се јават доколку имаат итна потреба од полиција, брза помош, противпожарна единица или имаат каква било друга итна состојба. Во Секторот Е112 функционираат две одделенија – Одделение за контрола на квалитет и Одделение за управување на повици кон итниот број 112 во чиј состав спаѓаат и регионалните канцеларии што примаат повици од своите региони, тоа се осум поголеми центри Куманово, Штип, Охрид, Струмица, Велес, Битола и Тетово. Граѓаните можат да пријават случаи на македонски, албански и англиски јазик.
Во видео изјава за МИА директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека тие како институција направиле мала кампања, но, како што посочува, законските ограничувања и ставот на Владата да не се плаќа на медиумите за реклами на државни институции ги ограничуваат во можноста бројот 112 да го рекламираат повеќе и со тоа повеќето граѓани да знаат за постоењето на овој број. Тој потенцира дека иницирале истражување на јавното мислење преку телефонска анкета за да видат колку од граѓаните се запознаени со бројот 112 и со надлежностите.
Ивица Додевски, раководител на Одделение за управување со повици кон Е-112 во ЦУК во видео изјава за МИА нагласува дека за 15 месеци примиле 660 илјади повици, од кои одговорени се 520 илјади, а напуштени се 145 илјади повици. Додевски објаснува дека напуштените повици се повици во кои јавувачите по грешка свртеле на бројот.
Најмногу граѓаните се јавуваат за потреби кон полицијата
Додевски вели дека до сега најмногу повици примиле кон полиција, а по неа следи итната медицинска помош. Тој информира дека најмногу повици на телефонскиот број 112 има во периодот меѓу 10 и 14 часот.
-Кон противпожарната единица има помалку повици. Кон полиција има повеќе повици бидејќи има поголем опсег на обврски што им требаат на луѓето. Се пријавуваат секакви случаи. Еве на пример, во април кон полицијата имаме околу 10 илјади повици, а кон итната медицинска помош околу седум илјади повици, рече тој.
Што се донесува до јавувањата, Ангелов нагласува дека околу 47 проценти од барањата се однесуваат на потреби упатени кон МВР, додека 45 проценти од повиците побаруваат итна медицинска помош, а само четири проценти имаат потреба од територијалната противпожарна единица. Четири проценти од вкупната маса на повици ги решава Секторот за операции и координации при ЦУК.
Додевски вели дека граѓаните кај нив се јавуваат за секакви потреби.
-На пример изгубиле клуч па имаат потреба да им се отвори врата или бараат некакви информации. Ние настојуваме да им одговориме, меѓутоа и ги известуваме луѓето дека телефонскиот број е претежно за итни повици, на луѓе што им треба итна медицинска помош, полиција или помош од противпожарна единица, вели тој.
На располагање на граѓаните е и системот „Ecall“ при сообраќајни несреќи. Од ЦУК за МИА информираат дека функционира и „Ecall“ кој систем се користи во возилата низ ЕУ кој автоматски воспоставува бесплатен итен повик на 112 доколку возилото е вклучено во сериозна сообраќајна несреќа.
-Истиот систем може да се активира и рачно доколку е потребно. Побарано е од овластените претставници на автомобилските производители да го активираат овој сервис и да овозможат повиците направени од системот да доаѓаат (говор и локација) до Единствениот систем за итни повици Е-112 во Република Северна Македонија, велат од ЦУК.
Ангелов нагласува дека за жал за постоењето на на бројот 112 се уште треба да се работи, бидејќи, како што вели дел од граѓаните се уште не знаат дека е функционален и постои.
-Ние направивме една мала би рекол скромна кампања, но законските ограничувања и ставот на Владата да не се плаќа на медиумите за реклами на државни институции не ограничуваат во можноста бројот 112 да го рекламираме малку повеќе и со тоа повеќето граѓани да знаат за постоењето на овој број. Во овој момент инициравме истражување на јавното мислење за да видиме колку од граѓаните се запознаени со бројот 112 и со надлежностите на нашите оператори од бројот 112. Се работи за телефонска анкета за која во тек е процедурата. За почеток сметам дека и една сериозна телефонска анкета ќе ни даде една реална претстава каде се наоѓаме сега, колку од граѓаните знаат дека бројот 112 постои и кои услуги, вели тој.
ЦУК во моментов работи на миграција на бројот 192 кон 112. Ангелов информира дека веќе неколку месеци работат за трансфер, односно миграција на бројот 192 кон 112.
-Оваа миграција е веќе во завршна фаза. Тоа значи дека кога граѓаните ќе се јават на бројот 192 самиот систем ќe ги префрли кај нашите оператори на 112. Граѓаните иако во суштина вртат во полиција на 192 ќе го добијат операторот од Секторот 112 од Центарот за управување со кризи, вели тој.
И Додевски нагласи дека во преговори се со МВР да преминат на нивниот број.
Преку проектот на ЦУК „Пријави опасност“, граѓаните можат да пријавуваат каква било опасност. Ангелов информира дека ЦУК го започна проектот „Пријави опасност“, каде граѓаните ќе можат да пријавуваат каква било опасност, која што го загрозува животот, здравјето или имотот на граѓаните.
-Упатувам благодарност до граѓаните кои што пријавуваат опасност со која што помагаат и самите себе, но и сите останати граѓани, бидејќи опасностите се насекаде околу нас, а наша обврска како држава е истите доколку тоа е можно да ги отстраниме и да го намалиме ризикот за граѓаните. Како што впрочем беше и со поставувањето на ограда на кејот на Вардар под хотел „Русија“ каде што имаше огромна провалија, дупка, која што е ископана да се гради некаков објект, кој што е во должина од неколку стотици метри каде што безмалку вертикалниот брег е длабок повеќе од 10 метри и кој било човек може тешко да се повреди или некој да загине. Благодарение на реакцијата на Општина Аеродром, со поддршка на Градот Скопје поставена е сериозна жичана ограда, која гарантира безбедност на граѓаните. Воедно да се зблагодарам и на вас како државен сервис затоа што редовно ги покривате нашите активности, редовно ги информирате граѓаните. Благодарност и до сите медиуми кои што ги информираат граѓаните, нагласи тој.
Во Секторот Е112 функционираат две одделенија, граѓаните можаат да добијат информации на три јазици
Додевски за МИА нагласува дека Кол-центарот во суштина е Сектор Е112 во чиј состав се две одделенија – Одделение за контрола на квалитет и одделение за управување на повици кон итниот број 112 и во чиј состав спаѓаат и регионалните канцеларии што примаат повици од своите региони, тоа се осум поголеми центри: Куманово, Штип, Охрид, Струмица, Велес, Битола и Тетово. Посочува дека граѓаните можат да пријават случаи на македонски, албански и англиски јазик.
Ангелов дополни дека во некои од смените има луѓе кои што говорат француски, турски и некои други јазици кои што се користат во нашата држава. Посочува дека самиот систем е така дизајниран доколку некој добие повик на англиски јазик и операторот кој што се јавува не го владее англискиот на доволно високо ниво со стискање на едно копче го префрла бројот кај некој што го зборува англискиот јазик и истото важи и за албанскиот јазик.
-Во овој момент имаме уште шест локални единици во кои што имаме оператори на 112 само во денски смени. Доколку на смена имаме оператор кој што го говори јазикот на повикувачот на која било територијата во државата, зборувам за ретки моменти, но се случуваат, ние го пренасочуваме таму каде што имаме оператор кој што ќе знае да одговори на повикувачот. Бројот 112 е европски број. Луѓето кои што живеат во Европската Унија знаат дека на 112 може да добијат каква било помош. Нашата држава служи како транзит држава за голем број патници, кои што патуваат особено кон Турција, од западноевропските држави кон Турција, но исто така имаме и голем број на туристи. И вообичаено некој да има потреба или од брзата помош, полицијата и со јавувањето на бројот 112 кој што функционира и во нивните држави истата услуга ја добиваат и во Република Северна Македонија, вели Ангелов.
Додевски информира дека за лицата со попреченост моментално во функција е СМС опцијата каде што можат да пратат СМС со својата потреба или случај што го пријавуваат, а тие ќе им одговараат со СМС, но и ќе направат и консултација со специјалистите за каков случај се работи. Најавува дека за во иднина работат на други апликации како што се дел од проекти „За итно копче“ што го има Црвен крст.
Фатиме Фазљији
Фото: Фросина Насковиќ
Видео и монтажа: Срѓан Крстиќ и Андреј Бранковиќ