Граѓанин ја пријавил роденденската забава на ДУИ во МВР


По повикот на Министерството за внатрешни работи до граѓаните да пријават журка и славење, дома, во викендичка или во изнајмен простор, Марјан Ненов на својот Facebook профил објави дека поднел пријава за групирање на повеќе лица во Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците. Пријавата се однесува до функционерите на ДУИ кои ја разбрануваа јавноста и поттикнаа многу критики кога објавија фотографија од прославата на роденденот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, каде што можат да се забележат државни функционери, како и заменикот министерот на МВР, кои што не ги почитуваат мерките изречени за заштита од корона вирусот.



Во својата објава, Ненов пишува дека како совесен граѓанин го послушал повикот на МВР и пријавил групна прослава.
Целта ми е да го проверам спроведувањето на законот дали се врши селективно и дали државните органи ќе реагираат професионално или дискриминирачки. Ќе споредам како обичен човек може да биде казнет за неносење на маска во своето возило, а од друга страна дали КРИВИЧНО прекршување на ЗАКОН од страна на 15 уфирцани господа ќе биде процесуирано од МВР и Јавно обвинителство. Доколку имате дополнителни информации за инцидентот ве молам проследете ги до Јавно обвинителство и МВР да ги прикачат кон предметот 22.21.62-12 или поднесете своја независна Кривична пријава. Од вас зависи дали ќе живеете во држава или бљувотина, пишува Ненов на својот Facebook профил.

Линк до објавата: https://www.facebook.com/marjan.nenov/posts/10159305023055139

Имено, последните информации за случајот според телевизија Телма, говорат дека Артан Груби, министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, испратил порака рано утрово, по објавената вест за апсењето на коледарите околу коледарскиот оган во селото Орман.

– Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сè што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин, стои во ставот на Груби.