Годишен настан за волонтери вклучени во Европскиот солидарен корпус


Во Маврово денеска и утре се одржува годишен настан за акредитирани организации за волонтерски активности од програмата Еразмус+ и Ознака за квалитет од Европски солидарен корпус, на која се разменуваат искуства, идеи и добри практики.


 

Волонтерството со своите основни вредности и карактеристики е главна тема на настанот, но како активност во која секоја инволвирана страна има свои обврски, треба да исполни одредени задачи и да се почитуват основните правила на програмата.

Покрај основните цели, на настанот ќе бидат презентирани и можностите за аплицирање во 2021 година од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ).

– Солидарноста е она на кое треба да се насочиме и да работиме, ние, младите луѓе мора да бидеме посветени во зајакнување на заедниците, со посебен напор за промовирање на социјалното вклучување. Да помогнеме во решавање на предизвикувачките ситуации и да работиме на поголема инклузија, истакна Марко Ѓоргиевски, директор на НАЕОПМ.

Европскиот солидарен корпус се заснова на достигнувањата на повеќе од 25 години европски програми од областа на волонтирање и млади, особено врз искуството на Европската волонтерска служба и промовира солидарност како вредност. Преку волонтирање го засилува ангажманот на младите луѓе и организации во достапни и висококвалитетни активности на солидарност.

-Европскиот солидарен корпус ги зближува младите луѓе за да изградат поинклузивно општество, а во исто време, им овозможува да стекнат корисно искуство, вештини и компетенции за нивниот личен, едукативен, социјален, граѓански и професионален развој, информира Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.