Премиерот Димитар Ковачевски тврди дека добил уверување од германскиот канцелар Олаф Шолц дека ќе нема дополнителни условувања во Преговарачката рамка за државава откако ќе се изгласаат уставните измени. Тој вчера порача дека Бугарија треба да покаже на сите нивоа на политичко делување дека се залага за интеграција на регионот во ЕУ, а гласањето на уставните измени да не бидe предмет на дневно – политичка дебата во државава туку предмет на општествен консензус. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, еден месец по лидерската средба со Ковачевски за уставните измени, вели дека за нови разговори со премиерот може да се размислува само ако се за датум за предвремени избори.
-Германскиот канцелар, практично ги повтори гаранциите, кои што веќе стојат во Преговарачката рамка. Други услови не може да има во Преговарачката рамка и затоа она што ЕУ требаше да го направи досега, го направи и она што ние треба да го направиме, верувам дека ќе го направиме и потоа продолжува процесот на отворање на поглавјата и сите реформи што следуваат, изјави вчера Ковачевски, по посетата на Германија.
Прашан каква гаранција може да направи Германија за да нема нови услови на нашиот европски пат, ако Бугарија каже не, Ковачевски, посочи дека не постојат дополнителни услови во Преговарачката рамка, која е резултат на консензус меѓу сите 27 членки.
– Таа преговарачка рамка има многу јасни одредби во неа. Тоа е дека на 28 јуни ќе се одржи прва меѓувладина конференција, која што се одржа. Дека ќе биде потпишан договорот со ФРОНТЕКС, кој што се потпиша и каде за првпат го имаме македонскиот јазик, чист без никакви додавки, заедно со сите други јазици на ЕУ, одобрен од сите 27 земји членки на ЕУ. Дека, втората меѓувладина седница ќе се одржи без никаква дополнителна одлука по спроведувањето на уставните измени и скрининг процесот, изјави Ковачевски.
Според него, Бугарија треба да покаже на сите нивоа на своето политичко делување дека се залага за интеграција на целиот регион на Западен Балкан во Европската Унија.
-Верувам дека за тоа се залагаат и сите партии коишто се во коалициската Влада во Бугарија, рече Ковачевски.
Тој очекува соработката да продолжи во насока на тоа што го покажа владата на Кирил Петков во последните денови со гласањето на Резолицијата во бугарското Собрание, посочувајќи дека практично тие партии сега се дел од коалициската влада во Бугарија, која сега има ротациски премиер на девет месеци.
Гласањето на уставните измени, посочи тој, не треба да бидат предмет на дневно-политичка дебата и тема на којашто се добиваат дневни политички поени, од избори до избори, туку тоа да бидат предмет на општествен консензус, бидејќи со нив се обезбедува побрза интеграција на државата и на ЕУ и пред се подобар животен стандард за граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во телевизско гостување, истакна дека четири недели Ковачевски имал можност да избере меѓу двете понуди на опозициската партија, но оти тие веќе не важат и има само една опција – предвремени парламентарни избори.
Според Мицкоски, не само што власта и опозицијата не преговараат, туку се и многу далеку од преговори.
-Нашата позиција е јасна, ние играме со отворен гард. Двете опции што ги понудив на лидерската средба беа на маса до овој момент, но се уште не слушнав од Ковачевски која опција ја прифаќа, првата или втората. Од денеска има само една опција на маса – предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски, според кого, можно е сценарио ВМРО-ДПМНЕ да има 61 пратеник, а последната опција е коалиција со ДУИ, особено со актуелното раководство на оваа партија.
Тој е убеден дека нема да се случи, како што рече, пратеници од неговата партија да гласаат за уставните измени. За нови разговори со Ковачевски, пак, може да се размислува само ако се за дата за предвремени избори.
-Може да седнеме да разговараме за дата за предвремени избори час поскоро. Ние дури и предложивме измени во Изборниот законик – да не важи техничката влада за предвремени избори. Според ДИК, потребни се околу 55 дена, подготвени сме да го забрзаме тој процес, порача Мицкоски.
Во реакција од СДСМ наведоа дека што се однесува до изборите, јасно му било понудено на Мицкоски, како што велат, прво заедно да ги изгласаме уставните измени, а потоа да се спроведат парламентарните избори.
-Мицкоски има единствена прилика да се приклучи на процесот на реализација на стратешката цел – членство во ЕУ. Ако ја прокоцка и оваа шанса, тогаш дефинитивно ќе биде запаметен како заложник на Апасиев, како политичар кој секогаш, без исклучок, не поддржал ниту една одлука за иднината на земјата и правел се за да го закочи напредокот на државата. Изборот е пред Мицкоски, ќе ја поддржи државата или ќе биде деструктивниот политичар, кој наместо за државните и националните, работел за нечии туѓи интереси, наведоа од СДСМ.
Според СДСМ, секој кој барем малку ѝ мисли добро на македонската држава и на македонскиот народ искрено ја поздравува и се заблагодарува на силната и јасна поддршка од Германија и канцеларот Олаф Шолц за земјава и за македонскиот идентитет. Тоа, потенцираат, не е случај со Христијан Мицкоски и ДПМНЕ. Само Бугарија и Мицкоски се на иста страна, незадоволни од поддршката на Германија. Тоа што Мицкоски ја потценува силната поддршката на Германија и Шолц зборува за него. Ако не е голема работа признавањето на македонскиот јазик во ЕУ чуму беа лагите, протестите и хистериите за бугаризација и асимилација? Пречестото менување ставови од страна на Мицкоски, за европската иднина на земјава, за македонскиот јазик, не говори добро за него и покажува дека можеби е целосно загубен. Но, тоа е негов проблем. Нека се стабилизира и нека се пресмета, соопшти СДСМ.
Според лидерот на АА Арбен Таравари, летово ќе биде релативно „жешко“, со доста настани на политичката сцена.
Овој период, рече Таравари во телевизиско гостување, во фокусот се уставните промени, но без разлика дали ќе има или не 80 пратеници за измените за кои се надева дека ќе се изгласаат, следниот чекор е да се разговара за одржување на избори, претседателски и парламентарни.
– Мислам дека на земјава не и треба луксуз за три месеци да има два пати избори и претседателски и парламентарни, без разлика дали парламентарните би биле предвремени во декември или ноември, или редовни во јуни или јули, а претседателски мора да има редовни, а тоа се крајот на март или почетокот на април. Јас мислам, се уште не сме разговарале со коалицискиот партнер, но и во партијата не сме ја отвориле оваа тема, меѓутоа рационално би било за државата што помалку трошоци да направи за избори. Не би био лошо да се размислува за опцијата втор круг за претседателски избори, да биде и датумот за одржување на предвремени парламентарни избори, што би биле предвремени само два до три месеци, смета Таравари.
За нас, наведе тој, е битно да има широк консензус на политичките партии, да бидеме фокусирани на тоа дека трба да се случат уставните промени, што се услов за започнување на втората конференција со ЕУ, се со цел земјава евентуално да ги започне преговорите и да не се оддели од Албанија.
Како што изјави претходно претседателот на Собранието Талат Џафери, првото гласање за потребата од уставни измени би можело да се случи на крајот на јули, доколку деновиве Владата ги испрати до Собранието. Од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 дена.