Имам информации дека тајниот оперативниот штаб за пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ спрема црна кампања против мене. Информациите се дека подготвуваат и фабрикувани кривични пријави со цел да ме замолчат или заплашат, изјави Венко Филипче, носител на четвртата Изборна Единица.
„Им порачувам дека таквите стратегии само ќе ги влечат повеќе кон дното. Притисоците воопшто не ме плашат, а не треба да се грижат ни граѓаните. Тајните оперативни планови со кои ја фабрикуваат реалноста не поминуваат. Граѓаните одамна го изгубија стравот од ВМРО-ДПМНЕ и нема да дозволат пак да бидат изманипулирани“, рече Филипче во Гевегелија.
Тој истакна дека на терен се потврдуваат сомнежите за местените на анкети на ВМРО-ДПМНЕ, а од ден на ден гледа сè поголем ентузијазам кај членовите на СДСМ, но и кај сите граѓани кои пристапуваат и разговараат. Состојбата се менува и ВМРО-ДПМНЕ го очекува шокантен резултат, прво на 24-ти април, а потоа на 8-ми мај, рече Филипче.
„Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ веќе почнаа да бараат алиби за лошиот резултат кој ги очекува. Постојаните напади и негативна кампања врз мене, без ниедна друга понуда за граѓаните, покажува дека кај нив владее страв. Веќе десет дена од него не слушнавме ниеден конкретен проект, никаква конкретна понуда. За разлика од нив, ние веќе ги презентиравме клучните проекти и секојдневно сме на терен меѓу луѓето“, додаде тој.