„Фајненшел тајмс“: Бугарија се приклучи кон проблематичната европска група


Скопје, 30 ноември 2020



Тензиите дополнително се зголемија во последните неколку недели, бидејќи Бугарија го блокираше отворањето на разговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, зголемувајќи ги стравувањата дека може да им се придружи на Унгарија и Полска во нивните чести битки со Брисел и земјите-членки на Унијата.

(Фајненшел тајмс)

Бугарскиот опозициски политичар Христо Иванов пренесуваше во живо на Фејсбук пред вилата на Црното Море во јули, кога тројца набилдани чувари го турнаа него и уште двајца активисти во вода. Тој продолжи да снима кога агентите на тајните служби се заканија дека ќе го потопат бродот што ги донесе активистите на имотот за кој се знае дека го користи Ахмет Доган, еден од водечките политички моќници во земјата. Илјадници луѓе гледаа во реално време како полицијата ја испрашува групата предводена од Иванов.

Видеото, откако го прегледаа повеќе од 1,2 милиони луѓе, предизвика повеќенеделни протести низ целата земја против „политичките дружби“. Противниците на владата на Бојко Борисов обвинуваат дека тоа е микрокосмос на бугарските проблеми со корупцијата и владеењето на правото, речиси 14 години откако земјата се приклучи на ЕУ.

Политичките потешкотии на Борисов, исто така, отвораат тешки прашања за Брисел и другите земји на ЕУ. Критичарите велат дека не успеале да извршат доволен притисок врз Софија за подобрување на владеењето на правото и управувањето со земјата. Тензиите дополнително се зголемија во последните неколку недели, бидејќи Бугарија го блокираше отворањето на разговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, зголемувајќи ги стравувањата дека може да им се придружи на Унгарија и Полска во нивните чести битки со Брисел и земјите-членки на Унијата.

Бугарија доби милијарди евра од ЕУ откако се приклучи во 2007 година. Симеон Џанков, бугарски економист и виш соработник во Институтот за меѓународна економија во Петерсон, вели дека парите што се слеале во најсиромашната држава на ЕУ се дел од проблемот.