Еко-свест: Го поздравиме поврзувањето на економијата со животната средина во новата владина програма


Еко-свест: РЕК Битола е најголем емитувач на сулфур диоксид во регионот - МИА

Скопје, 17 септември 2020 () – Сакаме да го поздравиме поврзувањето на економијата со животната средина во новата програма за работа на Владата, се вели во анализата на Еко-свест на програмата на Владата за 2020-2024 година, со осврт на секторите – животна средина, клима, енергија и релевантни сектори.


 

– Особено важно е што еден од приоритетите е борбата со климатските промени каде се надеваме забрзување и интензивирање на заложбите кон декарбонизација на сите сектори како и активностите за прилагодување кон новонастанатите климатски услови за ранливите сектори. Во сите овие чекори очекуваме транспарентност и зголемена вклученост на локалното население и сите засегнати страни, велат од Еко-свест.

Од Еко-свест истакнаа дека за управувањето со отпадот, единствен начин безбеден за климата е систем за селекција на отпад и силна кампања за намалување на отпадот во домаќинствата. Претворањето на отпадот во енергија предизвикува дополнително загадување и емисии кои се чекор назад на патот кон циркуларната економија. Исто така ги загрижува тоа што и покрај предупредувањата дека природните ресурси мора да ги штитиме, во програмата сеуште се остава простор за експлоатација на минерални суровини наместо започнување на транзицијата кон затворање на коповите и премин кон алтернативни економски гранки. Истото важи и за водата како ресурс кој мора да има висок приоритет за заштита во услови на зачестени и продолжени сушни периоди, Затоа бараат од Владата да забрани изградба на мали хидроелектрани на целата територија на државата.

Еко-свест ги анализираше и коментираше сите сектори со кои тие работат:

Енергетика

РЕК Битола и користење на јаглен

Ревитализацијата и модернизацијата на сите три блока во РЕК Битола со редукција на прашина и десулфуризација се навистина долгоочекувани проекти, како што се и некои од активностите поврзани со отворање на нови рудници на јаглен. Меѓутоа, Енергетската стратегија, почитувајќи ги заложбите за декарбонизација на земјата, предвидува затворање на РЕК Битола во период од следните 8 години (зависно од сценариото). Следствено, се отвора прашањето зошто се прават планови кои се во конфликт со сите сценарија на Енергетската стратегија. Дополнително, не е јасно какви можности за употреба на различни типови на гориво се предвидуваат за РЕК Битола со ревитализацијата. Сметаме дека е подобро да се инвестира во праведна транзиција и преквалификација на вработените со можност за развој на Битола во културен центар во Македонија, отколку да се направат планираните инвестиции кои од една страна ќе ги заробат средствата кои инаку би се инвестирале во обновливи извори, а од друга страна ќе направат аргумент за пролонгирање на користењето на јаглен како енергенс што е спротивно на заложбите за декарбонизација на Европската Унија (ЕУ) и на нашата земја како кандидат за членство во ЕУ. Продолжувањето на користење на јаглен исто така ќе даде лоши резултати и во однос на јавното здравје и на квалитетот на воздух, затоа што и покрај мерките за намалување на прашината и другите емисии може да се очекува дека граничните вредности за емисии на Светската Здравствена Организација (СЗО) ќе бидат надминати.

Топлификацијата на Битола, Могила и Новаци исто така е еден од долгоочекуваните проекти, одложуван многу пати поради својата неисплатливост и неизводливост. Идејата за топлификационен систем за Битола е за поздрав, но не и ако ги направи корисниците зависни од работата на РЕК Битола. Во тој случај топлификациониот систем нема да биде ниту еколошки, ниту ефтин затоа што ќе има значителни екстерни здравствени трошоци. Дополнително, ваквиот проект ќе го оневозможи затворањето на РЕК Битола предвидено со Енергетската стратегија. Веројатно би било поприфатливо доколку тој топлификационен систем работи на гас и е предвиден само за Битола, иако и гасот е фосилно гориво и неговото користење нема никако да придонесе кон намалувањето на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, туку дополнително ќе ги зголеми на среден и долг рок. Сепак, на краток рок, веројатно е дека ќе се намали аерозагадувањето, иако по цена на продолжена зависност од фосилно гориво од увоз.

Забележливо е отсуството на план за воведување забрана за користење јаглен за загревање во домаќинствата кој беше присутен во старата програма на Владата, што е загрижувачки бидејќи оваа забрана претставува важен елемент на борбата против загадувањето на воздухот.

Гас

Се предвидува пренасочување на некои од јавните институции кон греење на гас, иако инфраструктурата за истото сеуште не е подготвена. Програмата споменува брз развој на дистрибутивните мрежи за различните категории на потрошувачи, но не е јасно дали е реално во текот на само четири години, колку што трае оваа програма, да се очекува да се развијат тие мрежи, дури и кога би имало доволно средства за нивно спроведување. Дополнително, иако станува збор за проект во тек, сметаме дека косултација со јавноста во однос на секоја од поединечните делници, односно консултација во секој град каде треба да биде спроведен системот за дотур на гас претставува одлична пракса за учество на јавноста во донесувањето одлуки и планирањето, како и добар индикатор колку граѓаните се согласни (или имаат потреба) да користат гас. Сметаме дека подобро решение би било наместо насочување толку многу финансиски средства во фосилно гориво кое на среден и долг рок има еднаков придонес кон климатските промени како и јагленот, треба поголемиот дел од средствата предвидени за оваа ставка да се насочат кон нефосилни начини на загревање.

Гасот е исто така фосилно гориво и неговото користење не води кон исполнување на зацртаните цели за борба против климатските промени. Вложување огромни инвестиции во гас, во услови кога е јасно дека на среден рок и гасот ќе треба да се замени со чисти, одржливи и обновливи извори на енергија, како за производство на електрична така и за топлинска енергија, нема економска ни социјална оправданост.

Споменати се когенеративни уреди кај индивидуални домаќинства и изградба на нова когенеративна постројка во склоп на Енергетика, но не е прецизиран типот на гориво. Иако когенерацијата се чини ефикасна, најчесто користени горива за конегерација се фосилни горива или биомаса, кои нема да придонесат за намалување на загадувањето и на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Од овие причини, ова не е прифатливо решение за обезбедување чиста електрична и топлинска енергија.

Не смее да се занемари важноста на топлинската енергија во целокупниот процес на намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Оттука, и во овој сектор се потребни се мерки насочени кон искоренување на фосилните горива, вклучувајќи го и гасот, како и вложување во чисти и одржливи технологиии – како во системите на централно греење така и во индивидуалното греење. За поздравување е предвидената инвестиција во соларни термални колектори, но забележливо е отсуството на стимулација на кровните фотоволтаици за домаќинствата. Од друга страна, било какви владини мерки за стимулирање на користење на (стандардизирани) пелети и друг вид биомаса треба да бидат условени со силни механизми за одржливо пошумување.

Други видови на енергија, преносен систем и планирање

Стимулацијата на производство на електрична енергија од отпад е во колизија со другите стремежи за намалување на отпадот. Искуствата на земјите кои имаат спроведено вакви проекти (Холандија, Шведска) покажуваат дека добивката во смисол на енергија од ваквите постројки не ја оправдува инвестицијата и значително го нарушува циклусот на справување со отпадот. Доколку се планира ваков проект претходно треба да се направи целосно мапирање на отпадот за да може да се пресмета исплатливоста на ваков проект, истовремено земајќи ги предвид загубите од управување со истиот тој отпад на подобри начини (рециклирање, реупотреба), како и ефектот врз предвиденото намалување на отпадот од пакување кое е предвидено со оваа програма. Единствено место каде може да се размислува за рекуперација на енергијата од отпадот и тоа да биде одржливо е во пречистителните станици каде метанот може да се искористи за добивање на енергија со што станицата може да користи електрична енергија добиена од сопствено производство барем за дел од своите потреби.

Под ревитализација на постојните големи хидроелектрани не е јасно дали се планира и отстранување на седиментите во акумулациите.

Планот за целосна реконструкција на преносната електроенергетска мрежа е за поздрав, но со оглед на тоа што на проектот Битола-Елбасан се работи од 2012 година, не е јасно дали во периодот кој го покрива оваа програма ќе биде реално ваквиот план да се спроведе. Сепак, се согласуваме дека инвестиции во мрежата кои ќе го овозможат инсталирањето на фотоволтаични и ветерни електрани претставуваат приоритет.

Секое планирање на енергетски проекти мора да земе предвид евентуалната штета врз дивиот свет и животната средина. Затоа дури и во случајот со фотоволтаиците и ветерните електрани, ќе мора да се направат истражувања и енергетско планирање кое е безбедно за животната средина (односно нема да направи штета врз дивиот свет и живеалиштата). Тука треба да се испита можноста за поставување на ваквите енергетски инсталации врз веќе деградирано земјиште како стари рудници и ископи.

Недостасува воведување на ESCO компании преку кои ќе се стимулира енергетска ефикасност во секторот на колективно домување и на општинско ниво.

Зелена економија (циркуларна економија, зелени работни места, отпад)

Планот на Владата за развој на државата преку постојано инвестирање во зелена економија и креирање на “зелени” работни места, применувајќи го социјалниот, еколошкиот и економскиот напредок, е од особена важност за благосостојбата и правдата за сите граѓани, како и за постигнување на целите за одржлив развој на Обединетите нации и целите на Европската унија.

Го поздравуваме инвестирањето во инсталација на сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување на земјоделските површини, како и заложбите за иновативни инвестиции во справувањето со климатските промени, поттикнувањето на договорното производство и поттикнувањето на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук од домашно производство и воспоставувањето систем на собирање на нус-производи од животинско потекло, поврзан со мерките во енергетиката и екологијата (модел на циркуларна економија) и поттикнување за донирање на вишокот храна. Сепак, забележливо е дека и покрај движењата во позитивна насока, на пример забрана за користење на пластични кеси, не е предвидена забрана за користење на друга пластична амбалажа (напр. пластични шишиња), ниту е предвидено со што ќе се заменат пластичните кеси.

При креирањето на зелените работни места, потребно е да се земат во предвид повеќе фактори, како што се: обезбедување добри работни услови, создавање здрави работни односи, социјален дијалог, еднакви можности за вработување, обезбедување праведен надоместок/личен доход, обезбедување социјална и здравствена заштита, учество и одлучување во однос на нивоата на компетенција и сл.

Ново “зелено” лидерство во приватниот и јавниот сектор, воведување еколошки ознаки на производите кои би помогнале во донесувањето одлуки при купување, но и за создавање на “зелено” потрошувачко општество се исто така дел од решенијата за поттикнување на зелената економија.

Преку мерење на општествените и еколошките ефекти во економијата би се создала појасна слика за вистинската вредност на БДП, бидејќи порастот на БДП не треба да биде резултат на економски активности кои штетно дејствуваат врз луѓето и животната средина.

Одржлив развој и експлоатација на ресурси

Во законот за минерални суровини (нацрт верзија била подготвена но не стигнала до Собрание пред неговото распуштање во јануари 2020), освен враќање на ископите во првобитна состојба треба да се воведат и мерки за тековните наоѓалишта и ископи кои подразбираат високи стандарди и заштита од лизгање на земјиштето, ерозија и превенција на загадување. Ова мора да се направи и во согласност со просторниот план, односно да се предвидат зони каде не е дозволен ископ или интервенција за екстракција на суровина. Враќањето во првобитна состојба мора да биде обврзно како за новите, така и за старите ископи/наоѓалишта.

Земјоделство и рурален развој

Во услови кога последиците од климатските промени се очекува да зачестат и да зголемат во интензитет, обезбедување на производство на храна во овие новонастанати услови треба да биде висок приоритет на државата. Во програмата недостасуваат средства за истражување и иновативни технологии како и план за прилагодување на секторот земјоделие кон климатските промени. Субвенционирањето на одредени култури и сектори повеќе отпорни на климатски промени треба се искористи за насочување на производството на храна кон нискојаглеродни гранки и култури отпорни на продолжени периоди на суша.

Климатски промени

Сеуште недостасува интерсекторскиот пристап во заложбите за ублажување и прилагодување кон климатските промени. Во сите институции мора да има стручни лица кои ќе се занимаваат со имплементација на регулативата и плановите од значење за климатските промени.

Иновациите и истражувањата се најпотребни кога станува збор за имплементирање на амбициозните климатски политики, во спротивно тие стануваат неспроведливи во пракса.

Приоритет треба да биде Национална стратегија за прилагодување кон климатските промени и истата да се преслика во сите ранливи сектори.

Потребен е план за праведна транзиција на регионите со јаглен кој ќе произлезе од консултации со локално население. На национално ниво овој план треба да ги вклучи и секторите ранливи на клима во земјата.

Земјата мора да работи на современ систем за мерење, известување и верификација на податоците потребни за справување со климатските промени како би располагале со најнови информации на време

Заштита на водните ресурси и природа

Освен забрана за изградба на мали хидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови, треба да се воведе и забрана за поголеми инфраструктурни објекти и зафати во зони кои ќе бидат предвидени за заштитаспогласно сите степени за заштита кои постојат (IPA, IBA, PBA, Natura2000, IUCN категории, национално законодавство, Емералд мрежа), како и подрачја кои согласно просторниот план ќе бидат оценети како подрачја од особена важност (за заштита на вода за пиење на пример).

Недостасува воведување нова регулатива за еколошки проток на реки која ќе ја замени постојната регулатува за биолошки минимум.

Недостасува нов Закон за НП Маврово.

Недостасува формирање на Завод за природа кој ќе биде одговорен за мониторинг на дивиот свет.

Недостасува формирање Фонд за животна средина кој беше присутен во претходната програма.

Економија

Поддршката за бизнис секторот мора да е условена од мерки за енергетска ефикасност, дигитализација и заштита на животна средина со прилагодување и намалување на климатските промени. Само на овој начин ќе се создаде бизнис сектор кој е вистински отпорен на предизвиците од пандемијата (и идните предизвици од климатските промени).

Здравство

Во програмата нема акцент на евидентирање, систематизација и статистика на здравствени проблеми кај населениетовоспоставување на систем на евиденција по општина и достапност на овие податоци за истражувачки цели и за превенција на болести. Примарна цел е следење на корелацијата помеѓу загадувањето и здравствената заштита на населението.

Социјална заштита

Енергетската сиромаштија не е застапена како тема во програмата, односно не се планира донесување дефиниција, програма и план за намалување на енергетската сиромаштија во земјата, особено за ранливите категории (стари лица, деца, жени, хронично болни).

Образование

Не е спомнато еколошко образование, како елементарна потреба во време кога еколошката свесност е на многу ниско ниво и придонесува кон уништување на вредните ресурси од кои зависиме. Без заштита на истите преку делување од најмлада возраст нема да може да се потпреме на истите во делот на развојот на економијата и обезбедување здраво население.

Култура

Охрид како Унеско подрачје не е споменато како приоритет за зачувување и решавање на проблемите со дивоградбите и загадувањето на екосистемот.