Јавното претпријатие за државни патишта ги стопираше постапките за проектот на претходното раководство кој имаше за цел промена на сите сообраќајни знаци на автопатиштата, согласно законот за употреба на албанскиот јазик, велат од ДУИ преку допис до медиумите.
Оценуваат дека се работи за чекор без преседан и штетен за спроведувањето на законот кој гарантира јазична еднаквост.
„И покрај тоа што заврши процесот на избор на фирма за реализација на проектот, сегашното раководство одлучи да ја прекине постапката. Ова може лесно да се провери во електронскиот систем за јавни набавки, што отвора сериозни прашања за односот на оваа влада кон спроведувањето на овој закон. Демократската унија за интеграција предупредува дека овие неуспеси се резултат на недостатокот на изборен легитимитет на оваа власт, нејзината јасна неспособност да управува со клучните процеси и нејзината зависност од политичките влијанија на ВМРО. Овие постапки се неприфатливи и сериозно му штетат на процесот на институционална еднаквост во државата“, велат од ДУИ.
Опозициската партија додава дека наместо да се соочат со своите одговорности, тие се обидуваат да ги прикријат овие масовни неуспеси со неосновани политички напади и непотребни прогони.