Документарна емисија за Петре М. Андреевски




 

Петре М. Андреевски_ Petre M. Andreevski – Петре М. Андреевски
Документарна програма Продукција ТВ Кис 2004

Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 – Скопје, 25 септември 2006) бил македонски поет, романсиер, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.


Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот (сега Филолошки) факултет во Скопје. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи”. Член на Македонската академија на науките и уметностите. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател.
Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени кај нас и во светот. Негови дела во посебни книги се презентирани на повеќе јазици надвор од Македонија.


На 9 октомври 2007, Претседателот на Република Македонија – Бранко Црвенковски, постхумно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.


Литературно творештво
Стихозбирки
Јазли (1960)
И на небо и на земја (1962)
Дениција (1968)
Дални наковални (1971)
Пофалби и поплаки (1975)
Вечна куќа (1987)
Лакримариј (1999)
Книги со раскази:
Седмиот ден (1964)
Неверни години (1974)
Сите лица на смртта (1994)
Боеми (постхумно)
Романи:
Пиреј (1980)
Скакулци (1983)
Небеска Тимјановна (1988)
Последните селани (1997)
Тунел (2003)
Бежанци (постхумно)
Книгата драми (1984), во која влегуваат:
Време за пеење
Богунемили
Стихозбирки за деца:
Шарам барам
Касни порасни
Награди
Добитник е на наградите: „11 Октомври”, „Браќа Миладиновци” (два пати) „Рациново признание” и „Стале Попов” (два пати)