Проф. д-р Димитар Ташковски е редовен професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје. Роден е 1971 година во Скопје. Дипломирал во 1994 година. Магистрирал во 1997 година, а докторирал во 2004 година. Од 1998 година е вработен на ФЕИТ како помлад асистент, во 2001 избран за асистент, во 2005 година избран за наставник во звањето доцент, во 2009 во звањето вонреден професор, а во 2014 во звањето редовен професор.
Како најстар универзитет, УКИМ секако е столбот на високото образование и наука од основањето на македонската држава до денес. По неговото основање во 1949 година, УКИМ имаше пресудна улога во формирањето на професионален кадар кој ја градеше државата во сите нејзини сегменти, од производни капацитети, фабрики, инфраструктура, преку формирање на државните институции, па сè до изградбата на заокружен општествен систем. Од осамостојувањето до денес, УКИМ продолжи да го развива својот високо образовен и научен потенцијал, но сепак темпото на овој развој е недоволен за следење на современите трендови во регионот и во европскиот високообразовен простор. Всушност, во последните 15 години УКИМ работеше во исклучително тешки услови, при што денес може да процениме дека е во режим на преживување во однос на финансирањето од државата. Меѓу најважните проблеми околу финансирањето е отсуството на државна поддршка на научните истражувања на универзитетот. Истите се практично занемарливи и ја обесхрабруваат научната дејност на универзитетот, што директно се пресликува на позицијата на УКИМ на меѓународните универзитетски рангирања. Позицијата на универзитетски професор на УКИМ во општеството и нивниот социјален статус се постојано и систематски девалвирани. Личните примања на професорите и асистентите исплатени од државата се недостоинствени. Трагично е што во 21 век зборуваме за фактот дека државата дури во 2018 година презеде обврска да ги плаќа комуналните трошоци на УКИМ, а од 2021 почна да го исплаќа и минатиот труд за вработените. Па така, додека македонското високо образование и наука е сè повеќе социјална категорија, бавењето со високо образование и наука насекаде во Европа и светот преставува престиж и носи углед во средината.
Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар универзитет во Македонија?
Секако дека да. Не постои никаков сомнеж во тоа дали УКИМ е најдобар универзитет во Македонија, бидејќи располага со најдобар, најискусен и најафирмиран наставно- научен кадар, и се уште располага со најразвиена научноистражувачка инфраструктура. Ова се должи на убедливо најголемиот број меѓународни научноистражувачки проекти кои се реализираат на УКИМ. Сепак, ние и понатаму мораме да работиме на тоа да УКИМ го одржи овој епитет на најдобар универзитет во Македонија и да го издигнеме на ниво на кое ќе се споредува со универзитети од регионот.
Довербата се намалува?
Според мене, за ова постојат две причини. Едната е немањето никаква финансиска поддршка за наука и истражување во државата. Бројките што ги слушаме по медиуми деновиве се всушност платите на наставниот и административниот кадар, а не се средства издвоени за проекти, наука, истражување и иновации. Втората причина е нискиот критериум за напредување во звања како и нискиот критериум за изработка на магистерски и докторски трудови. Критериумите за унапредување во звања дефинирани во Законот за високо образование од 2018 не се доволни за постигнување на извонредност во научно-истражувачката дејност и не водат до зајакнување на постојните научно-истражувачки капацитети. УКИМ не собра доволно храброст да се издигне над останатите универзитети во Македонија и да ги подигне овие критериуми.
Каде најмногу се грешеше во минатото?
Главната промена во високото образование коja имаше негативно влијание на неговиот развој настана со одлуките за формирање на новите државни универзитети. Одлуките не беа резултат на државна стратегија за развој на високото образование, туку главно резултат на политички одлуки, чија примарна цел беше да се зголеми процентот од населението кое ќе добие диплома, без при тоа да се води сметка за реалните квалификации на дипломираните. Не се следеа барањата на современото образование и не се почитуваа критериумите за квалитет и меѓународна конкурентност. Наместо да се поддржат оние институции со големо наставно и истражувачко искуство (пред сè УКИМ) кои лесно можеа да постигнат извонредност врз основа на нивното претходно достигнувањe, се отиде на масовност што секако ќе има долгорочни несакани последици за развојот на високото образование и науката, а со тоа на државата. Во овој процес не се обезбедија дополнителни финансиски средства, туку дојде до прераспределба на тековните средства на сите универзитети. Финансирањето се сведе на покривање на платата на вработените, па дури не се плаќаа ни комуналните трошоци, ниту пак се обезбедуваа средства за материјални трошоци за изведување на наставата, додека капитални инвестиции во високото образование речиси и да немаше. Во делот на научно-истражувачката работа, веќе 20-тина години нема финансирање на научно истражувачки проекти од страна на МОН, што негативно влијае на развојот на научно- истражувачката дејност во државата. Без почитување на дотогаш постигнатите резултати во научно-истражувачката работа и без донесена стратегија за дефинирање на научните области од интерес на државата се влезе во проектот за набавка на лаборатории за научни истражувања и применети активности за јавните универзитети, како и за превод на 1000 учебници користени на најпрестижните светски универзитети. За двата проекта се потрошија големи средства со занемарлив ефект за развој на високото образование.
Политиката и високото образованието?
Политиката честопати се водеше и се води од популистички мерки, без долгорочни стратегии за развој на високото образование, па од тие причини би рекол дека има огромно влијание во деградирањето на квалитетот. Високото образование не смее да трпи импровизации. Регулативата во доменот на високо образование години наназад предвидува соодветни тела и мерки кои треба да профункционираат во пракса, не само на хартија. На пример, Советот за развој и финансирање на високото образование кој беше предвиден со ЗВО од 2008 никогаш не беше формиран. Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (ОАЕВО) за 10 години не изврши ниту една надворешна евалуација на високообразовна институција, со што на некој начин се толерираше неквалитетот во високото образование. Иако имаше обврска, ОАЕВО не излезе со информација за состојбата во која се наоѓа високото образование во РС Македонија, а со тоа немаше ниту насоки за негово подобрување. Со Законот од 2018 се формираше Национален совет за високо образование и научноистражувачка дејност. Но, обврските кои ги има овој Совет се големи и тешко може да се очекува дека сите правилници, пред сè оние поврзани со квалитетот, финансирањето, научно-истражувачката дејност ќе бидат донесени во скоро време. Немаме нов Закон за научно-истражувачка дејност, ниту пак Закон за квалитет во високото образование како што е практика во европските земји. Законот за иновациска дејност иако подготвен се уште не се носи, што негативно влијае на развојот на високото образование. За колегите универзитетски професори кои влегле во политиката, можам да кажам дека се труделе во доменот во кој работеле да придонесат за подобрување на состојбата во високото образование. Сепак, капацитетите кои им стоеле на располагање биле најчесто многу ограничени за некои поголеми и посуштински промени во областа.