Делегација на Комисијата за економија, земјоделство и транспорт од чешкиот Парламент денеска имаше средба со членовите на собраниската Комисија за економски прашања, на која беа отворени теми за надминување на предизвиците во енергетиката.
Претседателот на Комисијата за економски прашања, Диме Велковски, рече дека во изминатиот период во државата е зголемено производството на електрична енергија поради големиот број на сончеви денови во годината.
Тој потсети дела во последните три месеци од годината со новите фотоволтаици има продуцирано околу 60 нови мегавати електрична енергија, а со нови законски одредби овозможено е формирање на енергетски заедници кои сами ќе можат да произведуваат електрична енергија. За таа намена Велковски рече дека енергетски фонд за поддршка за изработка на проекти за енергетска ефикасност во моментот изнесува пет милиони евра.
Велковски се заблагодари за поддршката на Чешка и во делот на економијата, стопанството, евроинтеграциите и за зачувувањето на македонскиот идентитет.
Претседателот на Комисијата за економија, земјоделство и транспорт на чешкиот Парламент, Мирослав Плевни, истакна дека темите за енергетиката се многу битни бидејќи електричната енергија е основниот двигател на Европа, но и на целиот свет.
Тој информираше дека Чешка континуирано ги решава енергетските предизвици, нагласувајќи дека земјата повеќе не е зависна од рускиот гас, бидејќи почна да се потпира на други обновливи извори на енергија.
На средбата беа споделени и искуства за надминување на предизвиците со складирањето на произведената електрична енергија од фотоволтаици.
На средбата присуствуваше и чешкиот амбасадор во земјава, Јарослав Лудва, кој посочи дека Чешка и понатаму ќе ја поддржува нашата земја во напорите за влез во ЕУ и дека очекува наскоро да бидат надминати сите предизвици на тој пат.
– И на патот кон ЕУ ќе бидеме заедно, рече Лудва.