Тричлена делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, престојува во посета на збратимената Општина Стари Град (Сараево). Повод за тридневната посета е празнување на 2. мај – Денот на оваа босанска локална самоуправа, која воедно ја одбележува 31 годишнината од ослободувањета на Општина Стари Град, но и на цело Сараево, каде што се воделе пресудните битки за одбрана на независна Босна и Херцеговина.
Во таа насока, домаќините подготвија богата културно – уметничка програма, која со своето учество ја збогатија членовите на КУД „Башчаршија“, како и босанскохерцеговската актерка Медиха Муслиовиќ. Во рамки на манифестацијата, исто така беше емитуван и промотивниот филм „Стари Град – општина по европски стандарди“, соопшти прес-службата на Општина Карпош.
На покана од градоначалникот на Општина Стари Град, Ибрахим Хаџибајриќ, на свечената седница која се одржа вчеравечер во Бошњачкиот институт, покрај делегацијата од Општина Карпош присуствуваа и претставници на бројни граѓански здруженија, како и делегации од збратимените општини и градови од регионот и од Република Турција.