Деканот на Факултетот за меѓународни односи Јуриј Волошин: „Македонско-украинската соработка на просветните работници започна!“  


Денешен наш гостин е Јуриј Волошин, доктор на правни науки, професор, Почесен адвокат на Украина, декан на Факултетот за меѓународни односи при Националниот авијационен универзитет (Киeв, Украина).


 

Јуриј Волошин – потпретседател на Светскиот конгрес на украински адвокати.

Автор на повеќе од 100 научни дела за проблемите на меѓународното право, уставната поддршка на процесите на европската меѓудржавна интеграција, спроведувањето на уставните реформи и модернизацијата, реформата на локалната самоуправа.

Добар ден. Ова е Вашата прва посета кај нас, какви се впечатоците од нашата земја?

Да, навистина јас сум во вашата земја за прв пат и сакам да им се заблагодарам на Амбасадата на Украина во Северна Македонија и на Вонредната и Ополномоштена Амбасадорка, високо квалификуваната специјалистка за балкански студии Наталија Задорожњук за помошта во организирањето состаноци со нашите македонски колеги, со кои ги дискутиравме перспективните насоки на соработка во образовната и научната област. За време на посетата беа исполнети сите упатства на ректорот на Националниот авијационен универзитет, професорот Максим Луцки, кој смета дека меѓународната соработка е главен приоритет за развој на Националниот авијационен универзитет.

Впечатоците се многу позитивни, Скопје е прекрасно место со неверојатни амфитеатри, прекрасни цркви, мистериозни манастири. Вашиот главен град навистина може да се нарече град на споменици, тие се на секој чекор и му даваат на градот посебен шарм. Многу сум импресиониран од античката тврдина Кале, која нуди неверојатен поглед на целиот град. Несомнено, сакам да ја посетам вашата земја уште многу пати и да видам и други истакнати градови, вашата земја ме фасцинираше со својата убавина.

Со кој точно се сретнавте и која беше целта на овие состаноци?

Како прво, ја посетив Амбасадата на Украина во Северна Македонија и разговарав со персоналот на Амбасадата и со Вонредната и Ополномоштена Амбасадорка во Република Северна Македонија, Наталија Задорожњјук. За време на разговорот со Амбасадорката, дискутиравме за специфични области на билатералната соработка помеѓу Факултетот за меѓународни односи и Амбасадата во областа на образованието: пракса за студенти во Амбасадата, организирање на онлајн средби со Амбасадорката, спроведување на мастер класови од персоналот на Амбасадата за студентите на факултетот. Впрочем, како што истакна Амбасадорката, интензивирањето на соработката меѓу Украина и Северна Македонија во образовната и научната сфера е посебна област на работа на Амбасадата.

Благодарение на поддршката на Амбасадата, се запознав со раководителот на секторот за меѓународна соработка на Американскиот универзитет во Европа (AUE-FON) во Северна Македонија, Игор Јованоски, како и со ректорот на универзитетот МИТ, Звонимир Јанкуловски и деканот на Факултетот за правни науки, меѓународни односи и дипломатија при МИТ, Маријан Маџовски, Нашите македонски колеги раскажаа за својата дејност и ја покажаа материјално-техничката база на универзитетите.

Дали сте задоволни од резултатите од преговорите и кои се изгледите за македонско-украинска соработка во областа на образованието?

Средбите се одвиваа на високо ниво, јас сум многу задоволен од резултатот. Нашата комуникација беше конструктивна, разговаравме за ветувачки области на понатамошната соработка, кои ќе вклучуваат образовно-методолошки, научно-истражувачки активности и академска мобилност. Со раководството на македонските универзитети разговаравме за размена на наставници и студенти во рамките на заедничките наставни програми, особено Еразмус +; спроведување на истражувачки проекти; организација и учество на заеднички научни конференции, симпозиуми, семинари и сл. Исто така, се зборуваше и за зголемување на квалификацијата и пракса, како за научно-педагошките работници, така и за студентите.

За време на разговорите, беше договорено веќе од септември оваа година да се започне со спроведување на конкретни проекти од областа на образованието. Исто така, се согласивме да дискутираме и да подготвиме нацрт Меморандуми за соработка. Постојат многу планови, така што македонско-украинска соработка на просветните работници ќе има.

Раскажете им, Ве молам, на нашите читатели за себе и за факултетот со кој раководите?

Го предводам Факултетот за меѓународни односи од 2019 година и меѓу главните области на неговата активност ги гледам подобрувањето на квалитетот на образовниот процес, зајакнувањето на човечките ресурси на факултетот, формирањето на модерна научна и иновативна средина и градењето на соработка со меѓународни партнери.

Нашиот факултет е еден од најголемите факултети на Националниот авијационен универзитет и овозможува подготовка на специјалисти по следните специјалности “Меѓународни економски односи”, “Меѓународно право”, “Туризам”, “Новинарство”, “Издаваштво и печатење” и “Меѓународни односи, јавни комуникации и регионални студии”. Денес имаме околу 1.500 студенти под водство на повеќе од 100 високо квалификувани предавачи.

Кои се одликите во обуката на специјалисти по меѓународниот стандард на факултетот?

Факултетот создаде уникатни можности за добивање на двојна диплома со странски високообразовни институции. За време на студиите, студентите на факултетот имаат можност да поминат пракса во меѓународни организации, дипломатски претставништва, државни органи итн.

Покрај задолжителниот англиски јазик, нашите студенти учат и втор странски јазик, кој го избираат самостојно од понудените: германски, француски, шпански, јапонски, турски, арапски, кинески јазик. Впрочем, изучувањето на два странски јазици е составен дел од обуката на идните специјалисти во областа на меѓународните односи.