Дебата: Илегалните активности се закана за шумарскиот сектор, ова е проблем на целото општество


Парадигмата дека изобилуваме со шуми и онаа често употребувана реченица дека шумите се нашето најголемо богатство треба под итно да ја смениме, бидејќи таа веќе не е реалност. Нашите  шуми се загрозени, особено од илегалната сеча и од илегалната продажба.


 

Ова го истакна Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европското движење на денешната четвртата сесија на Националната конвенција за Европската Унија во  Македонија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27), на тема „Заштита на природата преку одржливо управување со шумите“. Таа ја спомна важноста на Директивата на ЕУ 995/2010 година за државите членки дека е задолжително да се преземат ригорозни мерки во борбата против илегалното сечење на шумите.

– Процесот на хармонизација на националната легислатива со европското законодавство е уште во тек. Извештаите на ЕК укажуваат дека нормативниот дел задоволува, но неопходно е да се посвети поголемо внимание на имплементацијата и да се обезбедат ресурси за да може сите мерки и препораки кои се донесуваат на ниво на акциски планови и стратегии да бидат имплементирани во практиката, рече Ѓуровска.

Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека околу 30 проценти од територијата на земјава се покриени со шуми, а во ЕУ шумите покриваат повеќе од 43 проценти од површината на Унијата и тоа е, вели, еден огромен ресурс. Тој нагласи дека клучните предизвици со коишто се соочува ЕУ се исти како и оние во Северна Македонија и ја подвлече итната потреба од промени во духот на Европскиот зелен договор и стратегиите коишто се однесуваат на биодиверзитетот и шумарството.

– Европскиот зелен договор е главна иницијатива на ЕУ која што е изработена за да се справи со три клучни предизвици. Прво, климатските промени, второ, падот на биодиверзитетот и трето, оштетувањето на животната средина и штетните ефекти од начинот на којшто ја употребуваме планетата и ова исто така се однесува на зачувувањето на биодиверзитетот, шумите, промоцијата на одржливо земјоделство, заштита од пестициди, хемикалии, развој на зелени градови – она што го нарекуваме циркуларна економија во која што ние ги употребуваме ресурсите до максимум. Ова се исто така клучни предизвици и во Северна Македонија и за да се приближиме на таа цел стратегијата за шуми на ЕУ обезбеди упатство како да се зачуваат и управуваат шумите подобро, рече амбасадорот Гир.

Тој при тоа се осврна на заложбата во рамки на Стратегијата за биодиверзитет за засадување на три милијарди дрвја до 2030 години во руралните и урбаните средини во Унијата. Патот е долг, вели, а досега се засадени околу три милиони дрвца.

Евроамбасадорот Гир укажа и на најновата иницијатива на ЕУ за реставрација на екосистемите и враќање на природата низ Европа со закони за промоција на природата. Тоа значи враќање на биодиверзитетот на шумите, а во препораките кои таа ги содржи се и намалување на употребата на пестиците за 50 проценти до 2030 година низ ЕУ.

Словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш, кој е вљубеник во маунтбајк, има поминато на велосипед над 70 проценти од територијата на Северна Македонија и е воодушевен од шумите во земјава.

– Потребно е повеќе да работите на туризмот и на промоција на убавините на оваа земја, на убавите пејзажи кои што се кријат од туристите. Од друга страна треба да се работи на управување со шумите и особено собирањето на отпадот кој е расфрлан во шумите во близна на урбани или рурални средини. Мора да постојат инструменти кои би се користеле на локално ниво и на свесноста на локалното население дека тие се првите прозвани кои треба да се грижат за шумите. Не станува збор за многу пари туку за едукација за подигање на свеста и за организирање акции за собирање на отпадот од шумите, вели Маркуш кој и самиот учествувал во повеќе такви акции во земјава.

Амбасадорот Маркуш со забелешки и за незаконитото сечење на дрјва, кое вели се политизира, со образложение од локалните власти дека доколку би забраниле сеча, би изгубиле гласови на избори. – Нелегалната сеча на дрвја мора да се сосече во корен и треба да им се помогне на луѓето да го организираат поинаку својот живот, вели Маркуш.

Христина Оџаклиеска меѓу другото нагласи дека ингеренциите за обезбедување одржливо управување со шумите во земјава се поделени помеѓу МЖСПП и МЗШВ. МЗШВ е надлежно за транспонирање и известување по однос на Поглавјето 27 – животна средина во кое се опфатени директивите и регулативите од областа на заштита на природата, биодиверзитетот и регулативите за шумарство и е одговорно за известување до ЕУ. Управувањето со шумите се регулирано со Законот за природа и Законот за шуми и во тој правец постои извесен дуализам. Таа го поздрави Предлогот законот за шуми со кој се усогласуваат ставовите на МЖСПП и на МЗШВ околу управувањето со шумите во заштитените подрачја.

Владимир  Стојановски, асистент на Факултетот за шумарски науки укажа на факти коишто се произлезени од ОН, а тоа е дека потребата за вода, за храна, за енергенс, за гориво во наредниот период ќе се зголеми за 30-40 отсто поради зголемената популација и ќе се доведеме во ситуација кога нашите шуми, македонските шуми нема да бидат во одредена кондиција да ги даваат потребите коишто граѓаните ги бараат – дали во однос на питка вода или е тоа енергенс.

– Потребен ни е комплетен сетап да направиме – премостување од сегашниот начин и да се помогне на македонските шуми да ги даваат потребите коишто граѓаните ги имаат од нив. Ние како институција во соработка со Канцеларијата на ФАО во Будимпешта пред пет години изработивме една студија за потрошувачка на домаќинствата со огревно дрво каде што покажа дека огромен број споредбено со Заводот за статистика дека постои огромен простор помеѓу она што Статистика го кажа дека е посечено и она што е потрошено и тоа е нешто на кое што ние треба да работиме.

Илегалните активности се закана и шумарскиот сектор како таков голем дел од него е на самофинансирање, и вели, не е во состојба самиот да се избори. -Треба да сфатиме сите ова не е проблем на шумарскиот сектор, туку ова е проблем на целото општество. Проблем е и на Владата, проблем и на министерствата, проблем е и на граѓаните, на сите нас, порачува Стојановски.

Во дебатата ќе бидат вклучени македонски и словачки експерти за животна средина и за шумарство, универзитетски професори, екологисти, но и претставници од граѓанскиот сектор, релевантни на оваа тема.