Дамир Смајловиќ: Полевање на камена плажа


Будно го следам развојот на ситуацијата со пандемијата и честo останувам вчудоневиден.



Пред сѐ, им се заблагодарувам на луѓето за зголемувањето на свеста и намалената изложеност на ризик, што резултираше со значително намалување на бројот на активни случаи, со што се намали и бројот луѓе кои ја губат борбата со вирусот.

Како втор, но многу значаен фактор, им се заблагодарувам на медицинскиот персонал кој будно бдее и вложува надчовечки напори за стабилизирање на критичните пациенти и нивно одржување во живот.

И како последни, најмногу значаен и влијателен фактор, им се “заблагодарувам” на носителите на јавни функции кои “сторија се” за сѐ да се одвива во најдобар можен ред.

Да, последните се со наводници бидејќи често не можам да најдам логика и здрава основа за повлечените чекори и донесените одлуки.

Се извинувам што ќе бидам долг ама верувајте дека е неопходно за да се долови целата слика и поента на оваа објава.

Овде ќе направам мало интермецо со дописот на предложени мерки со кои би се олеснило обезбедувањето на стабилни резерви со крв и конвалесцентна плазма.

Првата страница од дописот со предлози.
Дописот е доставен до министерството за здравство ЈЗУ ИТМ, МТСП, Кабинетите на премиерот и Претседателот, до Црвениот Крст на Р.С.М. и Центарот за управување со кризи, како главен координатор на активностите преку Главниот Штаб

Поминаа месец и половина а добивме само два одговори:
– од кабинетот на Премиерот известија дека дописот (без да го погледнат прилогот, претходниот допис, кој е адресиран до нив и е делумно во нивна надлежност) е проследен до Министерството за здравство; и
– Од Центарот за управување со кризи, кои одговорија дека дописот е примен, разгледан и дека ќе не имаат во предвид доколку има потреба од консултации на таа тема.

Пред да ја почнеме главната тема, ќе ја анализирам моменталната подготвеност/опременост на системот за обезбедување на конвалесцентна плазма.

ЈЗУ ИТМ во моментов располага со 3 апарати за изведување на постапка за дарување на плазма преку плазмафереза со високо софистициран клеточен сепаратор.
Да бидам поконкретен:
– првиот се користи за изведување на фереза на конвалентна плазма;
– вториот се користи за тромбоцитофереза; додека
– третиот се користи за харвестација на хематопоетски прекурсорни (матични) клетки кои се користат, односно се трансплантираат во процесот на лекување на хематолошките пациенти (заменска процедура за пунктирање на стернум и вадење коскена срцевина од него).

Сите 3 апарати се наоѓаат во Институтот во клиничкиот центар ‘Мајка Тереза‘, односно во Скопје.

ЈЗУ ИТМ според моменталната систематизација е организирано во 4 главни центри, и тоа: Скопје (како главен административен и со повеќе оддели), Битола, Тетово и Штип. Другите служби се одделенија.

Откако направивме дисекција на системот, време е да преминеме на главната точка.

Триумфалната изјава

Ова е одлична вест, се разбира, ако не се работи за кредит и ако сме земја како Германија.

Појаснување за најавениот лек, ако се работи за истиот.

Во превод: најавениот лек чини од 1500 до 6500$ од третман.

Малку погоре во текстот не е искористена Германија по случаен избор.

Германија го набави најверојатно истиот лек.

Знаејќи ја економската моќ на Германија, а и нашата, со основни познавања на пазарната логика: Германија ја обезбедила цената од 2000 евра од доза поради порачаниот квантитет на лекот.

По таа логика, согласно на нашата куповна моќ (бидејќи не знаеме колкав ќе биде кредитот за набавка на лекот), порачаната количина ќе биде значително помала, со што и цената ќе биде значително поголема.
Нејсе, за илустрација ќе ја користам цената по која ги набавила Германија.

Доколку порачаме 200 дози лек по цена од 2000 евра, со нив најверојатно ќе спасиме 200 животи.
Да не бидам погрешно разбран: ЕДЕН ЖИВОТ НЕМА ЦЕНА и затоа е оправдана набавката на соодветни лекарства НО…

Еден високо софистициран клеточен сепаратор за изведување на ферезни постапки чини од 20 до 157 илјади долари, но во просек околу 50 илјади.

Ако тие 400,000 евра (претходно дадени како пример) ги искористиме за набавка на 4 апарати, по еден за секој центар на ИТМ, ги набавиме потребните дополнителни средства за изведување на процедурата и обучиме кадар за изведување на процедурата: ќе се зајакне системот и ќе може да се собира плазма на уште 3 локации, со фреквенција која е 3 до 4 пати поголема од моменталната.
Да се разбереме како треба: фреквенцијата не ја дефинираат пунктовите за изведување на ферезата, туку ферезно дарување на плазма може да се прави во интервали кои се значително пократки: крв се дарува на 3, односно 4 месеци, а плазмафереза може да се направи со 2-3 недели пауза. Тука ќе посочам дека во Австрија има пракса која дозволува да се дарува плазма со најмала пауза од 3 дена помеѓу две ферези, но не повеќе од 50 пати годишно.

Да направиме проста математика.

4 НОВИ АПАРАТИ помножено со потенцијално ТРОЈНО ЗГОЛЕМЕНА ФРЕКВЕНЦИЈА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ПЛАЗМА по некоја логика изнесува НАЈМАЛКУ 8 ДОЗИ КОНВАЛЕНТНА ПЛАЗМА НА ДЕН (ако даруваат само по 2 дарители на ден, а во работно време може да даруваат од 4, 6 или повеќе дарители). Со минимално користење на обезбедените апарати ние би обезбедиле 200 дози плазма полна со антитела за околу 50 дена. Со самото тоа би се задоволиле и потребите на антитела за тие двесте критични случаи кои би го примиле овој лек.

Со пренасочување на дел од средствата наменети за најсовремениот лек, и нивно искористување на разумен начин, ние ќе го имунизираме системот, односно трајно ќе го зајакнеме за борба во оваа и сите идни слични ситуации.

Ќе дадам медицински пример за актуелниот министер за здравство кој, како медицинско лице, би требало да го разбере.
Системот е залежан и се манифестираат декубити. Наместо оперативно да се отстрани ткивото, да се третира и санира раната на здравото, телото (системот) да се ревитализира, зајакне и користи со сета сила, со овие скапо платени ‘козметички препарати/пудри‘ моментално ја покриваме ‘збрчканата кожа‘/раната правејќи ја попријатна за гледање и ризикувајќи екстремитетот/системот наскоро да биде повторно парализиран.

Се обидувам да го извагам разумот, односно логичката оправданост на некои чекори, и тоа го правам во грамови. За жал, терезијата не постигнува баланс.

Апелирам до директорите на ЈЗУ ИТМ да ја пренесат оваа информација/опција до министерот за здравство, кого го замолувам да ја преиспита одлуката како да се искористи кредитот кој ќе треба да го вратат сите граѓани.

Воедно ги повикувам Претседателот на Владата и Претседателот на државата да ја искористат својата системска поставеност и со нивното влијание да делуваат средствата да се искористат на најдобар, најсоодветен и најефикасен начин, со кој трајно ќе се стабилизира столбот на најважниот супортивен метод во медицината: крводарителството, обезбедувањето на стабилни резерви со крв и крвни продукти – со акцент на конвалесцентната плазма а и плазма/тромбоцити за онколошките и хематолошките пациенти.

Доволно наменувавме ресурси за “плакнење на камења“.

П.С. Повторно Ве замолувам да ги разгледате дописите кои Ви ги имаме испратено, како здружение, да го вложите својот авторитет, да го поставите системот на здрави темели и да превземете чекор кон обезбедување на соодветно уважување на заслугите на луѓето кои целата супортивна медицина ја носат на свои раце, со крвта и крвните продукти кои редовно ги даруваат.

Претседател на здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје

Дамир Смајловиќ.