Честитка од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите


 Добро здравје, среќа и елан за заеднички да ја унапредиме состојбата на ромската заедница во Република Северна Македонија, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски упатувајќи честитка по повод 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите, до припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија.


 

Пендаровски во честитката искажува почит кон нивниот придонес во збогатувањето на македонското  мултиетничко и мултикултурно општество.

– Ви ја честитам 50 годишнината од Првиот ромски конгрес во 1971 година во Лондон,  кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа. Педесет години по Првиот ромски конгрес имаме генерациска должност да изградиме општество каде што ќе ги вреднуваме разликите, ќе го почитуваме достоинството и ќе обезбедиме рамноправно учество на сите граѓани подеднакво во донесувањето на одлуки за важни суштински прашања за нашата држава, стои во честитката од шефот на државата.

Подвлекува дека сите заедно целиме кон градење на солидарно, праведно и слободно општество кое ја почитува различноста и човековото достоинство.

– Не само на 8 април, туку и во текот на целата година ја продолжуваме заедничката борба затоа што предизвиците, потребите и одговорностите на ромската заедница, како и на сите останати граѓани, се секојдневни, порачува преседателот Пендаровски.

Годинава, Меѓународниот ден на Ромите, вели тој, го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која токму овој период, со најголема жестина досега, ги загрозува животите на сите македонски граѓани.

– Пандемијата нè потсети дека сите сме ранливи, а најмногу страдаат оние што се на маргините од општеството. Сите ние заедно, во нашите секојдневни улоги на политичари, членови на институции и невладини организации, активисти, медиумски работници, граѓани, сме одговорни да бидеме проактивни за да ја победиме пандемијата, но и да ги решиме наталожените проблеми со кои секојдневно се соочуваме за да можеме да изградиме просперитетна и сигурна иднина за секого, се наведува во честитката од претседателот Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите, до припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија.