Чартери за Турција и Египет – корона вирусот не ги спречи македонските граѓани да летуваат во странство


Чартери за Турција и Египет – корона вирусот не ги спречи македонските граѓани да летуваат во странство - МИА

Скопје, 27 јули 2020 () – Дел од македонските граѓани го победија стравот од корона вирусот. Ги пакуваат куферите и заминуваат на летување надвор од државата. Турција и Египет засега го имаат приматот меѓу дестинациите за кои постои најголем интерес.


 

Вчера веќе полета првиот авион за Анталија, а оној за Хургада тргнува на 10 август.

– Тргнуваат чартерите за Турција и Египет. Вчера, на 26 јули, полета првиот авион за Анталија, согласно сите безбедносни протоколи. Интересот е огромен поради што чартери ќе има два пати неделно. Следните летови се на 2 и на 9 август и сите дозволени места се пополнети, вели за сопственикот на „Аурора“, Славе Сирачевски.

На 10 август, додава Сирачевски, е и првиот лет за Хургада.

– Има преголем интерес и за Египет. Летовите ќе бидат на секои девет или десет дена. Се чини дека нашите граѓани го победија стравот од КОВИД-от. Сепак, ова е добар знак и дека туристот сака да патува, дека не се живее во затворени граници, нагласува Сирачевски.

Тој смета дека ако и Грција ги отвори границите, нашите агенции ќе успеат да „фатат“ барем два месеца – август и септември. Полни се, напоменува, и домашните капацитети, особено оние во охридско-преспанскиот и дојранскиот регион, како и во планинските места. Кампањата „Дома си е дома“, сепак се покажа како успешна.

– Се надеваме дека Грција ќе ги отвори границите, а ако тоа се случи барем два месеца ќе фатат агенциите, август и септември. Во земјава туристичките места се полни. Моја проценка е дека 80 отсто од капацитетите во Охридско, Преспанско и Дојранско и во планинските региони се со гости. Кај нас конкретно, во Берово, посетеноста е 100 отсто, се бара место повеќе, но нема, се е полно до 20 август. Тоа е добра оценка дека сепак „Дома си е дома“ е успешна кампања, потенцира сопственикот на „Аурора“, Славе Сирачевски.