Царовска на онлајн состанок со директорите: Успешно заврши оценувањето за првото тромесечје




Министерката за образование и наука Мила Царовска на онлајн состанок со директорите и наставниците од основни и средни училишта разговараше за текот на наставата, при што беше заклучено дека воспитно-образовниот процес од почетокот на учебната 2020/2021 година се одвива успешно.

Наставниците информираа дека оценувањето на учениците за првото тромесечје заврши без потешкотии. Учениците и родителите имаат увид во оцените преку електронскиот дневник.

„Беше предизвик да ги оцените учениците во овие поразлични услови на настава. Но, убедена сум дека како наставници го најдовте најдобриот начин и методи да ги оцените знаењата и да ги формирате оценките за првото тромесечје, во оваа скратена учебна година“, рече Царовска.

Во средните училишта во тек се подготовките за матурата, што треба да се одржи во законскиот рок.

„Образованието продолжува и нема да дозволиме пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците. Следните шест месеци се доволен период да се подготвиме за успешно спроведување на државната матура, согласно сите здравствени протоколи. Испитните програми ќе бидат усогласени со скратените наставни програми. Вие како наставници, ние како Министерство и сите кои учествуваат во овој процес на заокружување на средното образование, ќе им помогнеме на учениците успешно да ги совладаат и овие заврши испити и да постигнат високи резултати. Полагањето на матурата е во најдобар интерес на учениците и е основа за натамошно надградување и продолжување на образованието на факултетите“, нагласи министерката Царовска.

Во училиштата каде се одвива настава со физичко присуство, се почитуваат мерките и протоколите за заштита, што се потврдува и со податоците дека под 1 процент на наставници и под 0,06 проценти ученици се активни случаи и нема пренос на болеста во училиштата. Кај учењето од далечина над 90 проценти од учениците следат онлајн настава а континуирано се намалува бројот на ученици кои немаат технички услови, како резултат на заедничкиот ангажман на МОН, локалните самоуправи, училиштата и компаниите со општествена одговорност.